„Вашиот пакет не може да биде доставен поради грешка во адресата, ве молиме да ја адаптирате адресата правилно за да ја олесните нашата нормална испорака, ви благодариме на соработката“, вака гласат лажните СМС пораки кои повторно се појавија, а кои наводно пристигнуваат од Македонска пошта.
И пред неколку месеци имаше една ваква слична појава каде најпрво беше реагирано на социјалните мрежи за подоцна телефонските оператори да ги блокираат овие броеви.
Малку е нејасно како телефонските оператори дозволуваат оваа појава да се повторува, а граѓаните да бидат постојано мета на вакви измами. За оние коишто не знаат на вашиот мобилен телефон ви пристигнува порака со линк од наводниот сајт на Македонска пошта која е речиси идентичен со оригиналниот што значи дека некој многу се потрудил да ја направи оваа измама поуверлива.
Линкот ве води до место каде што ви ги бараат да ги оставите вашите лични податоци како име, презиме и број на трансакциската сметка каде за момент измамниците ќе ви одземат илјадници денари од вашата сметка.
При ваков случај препораката е да не го отворате линкот, веднаш блокирајте ја пораката и известете го вашиот телеком оператор.