Од вкупно регистрирани 474 јавни основни и средни училишта во државата, за снабдување со субвенционирана електрична енергија преку „ЕСМ продажба” се пријавиле 309 училишта со вкупно 869 броила и тие од 1 декември веќе се снабдуваат со струја по цена од 95 евра за мегават час.
Од вкупно 70 регистрирани водостопански и комунални претпријатија кои работат со пумпни или пречистителни станици, се пријавиле 51 субјект со вкупно 738 броила и се снабдувани со струја по цена од 95 евра за мегават час.
– Субјектите од овие две категории кои не поднеле документи или поднеле некомплетни документи, можат да се пријават со комплетна документација до 20 декември годинава и да бидат снабдувани преку „ЕСМ продажба” од 1 јануари идната година – соопшти АД ЕСМ.
Во следните денови, како што информираат, ќе бидат објавени и субјектите од прехранбената индустрија со шифри на дејноста опфатени во одлуката од Владата, кои веќе се снабдуваат преку „ЕСМ продажба”.
– И за прехранбената индустрија важат истите правила за пријавување со цел снабдување од 1 јануари идната година – прецизираат од ЕСМ.