Во пресрет на новата грејна сезона која започнува на 15 октомври, ЕСМ Снабдување ДООЕЛ Скопје како вршител на енергетска дејност, со цел обезбедување на јавна услуга снабдување со топлинска енергија во следниот период, апелира до потрошувачите и заедниците на сопственици да проверат дали објектите се подготвени за грејната сезона.
За да може грејната сезона во објектите кои се приклучени на системот за централно греење да стартува навремено и испораката на топлинска енергија да се одвива непречено, потребно е потрошувачите да ги завршат интервенциите на внатрешната инсталација и истото веднаш да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи на ЕСМ Снабдување.
Истовремено Заедниците на сопственици или Управителите на објектите потребно е да овозможат непречен пристап на службените лица до топлинската станица како и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација).
Соработката од страна на потрошувачите и заедниците на сопственици е во интерес на сите страни за да се обезбеди навремена и квалитетна испорака на топлинската енергија.
За сите неопходни информации или пријави за одредени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 023076200 и 075400100.
Владата на РСМ донесе Одлука за избор на вршител на енергетска дејност снабдување со топлинска енергија бр.41-8304/3 од 20.09.2022 Сл. весник на РСМ бр.206/2022 од 23.09.2022 година со која за вршител на енергетска дејност снабдување со топлинска енергија се избира Друштвото за снабдување со топлинска енергија ЕСМ СНАБДУВАЊЕ СО ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје.
Согласно Одлуката, Друштвото до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ поднесе „Барање за издавање на лиценца за вршење енергетска дејност снабдување со топлинска енергија“ како јавна услуга за потребите на потрошувачите на подрачјето на дел од градот Скопје и тоа: Општина Аеродром, дел од Општина Гази Баба, Општина Ѓорче Петров, Општина Карпош, Општина Кисела Вода, Општина Центар и Општина Чаир.
Апелот е дел од активностите на ЕСМ Снабдување ДООЕЛ Скопје кои произлегуваат како обврска на вршителот на јавна услуга во следниот период, бидејќи редовното одржување на внатрешната грејна инсталација е одговорност исклучиво на потрошувачите кои се грижат за функционалноста и исправноста на внатрешната грејна инсталација што е од суштинско значење за квалитетот на греење кај потрошувачите.