Повеќе од 80 лица загинале во терористичкиот напад во концертната сала Крокус Сити Хол во Москва, објавено е на каналот Телеграм на Рускиот истражен комитет. Федералната служба за безбедност на Русија (ФСБ) синоќа соопшти дека имало пукање и пожар пред концерт во Красногорск кај Москва.
Во болница се хоспитализирани 115 лица, од кои 60 се во тешка состојба. Министерството за здравство потврди дека меѓу загинатите има и три деца.
Група од пет терористи упаднаа во концертна сала во северозападниот дел на Москва во петокот околу 20 часот по московско време. Напаѓачите влегле во еден од споредните влезови и веднаш отвориле оган врз луѓето во салата, по што крвавиот пир продолжил во концертната сала на првиот кат, каде требало да започне концертот на рок групата „Пикник“.
Потоа напаѓачите подметнале пожар во салата и избегале во истото бело „рено“ со кое дошле.
Пожарот брзо се проширил од концертната сала до целата зграда, го зафатил и покривот, а гаснењето од воздух не можело веднаш да започне бидејќи се стравувало дека на последниот кат има многу луѓе.
Хеликоптерите потоа фрлиле 160 тони вода за да го локализираат пожарот, кој не беше целосно изгаснат до раните утрински часови во саботата.
Напаѓачите, кои биле облечени во маскирни одела и не носеле маски, пукале во присутните со „калашникови“ и скратени ловечки карабини. На местото на терористичкиот напад безбедносните сили пронашле оружје и муниција од калибар 5,45 за Саига и 7,62 за А.К. Очевидци наведуваат дека некои од терористите носеле и канистри со запалива течност.
Телеграмскиот канал SHOT наведува дека на концертот бил и пратеникот во Думата Ајдар Метшин кој успеал да побегне неколку минути пред терористите да упаднат во салата.
– Ме спаси тоа што бев практично блиску до сцената во вториот ред. Се евакуиравме преку бината, а потоа и преку официјалниот влез пред терористите да влезат низ споредната врата и да почнат да пукаат. Заминавме преку службениот влез и не знаевме дали ќе не удрат одзади – изјави Метшин.
Концертната сала вообичаено има повеќе од 6.000 седишта и сите билети биле распродадени. Засега не е познато колку луѓе имало внатре во салата во моментот на нападот.
Телеграмскиот канал SHOT наведува дека многу тела биле пронајдени во тоалети и помошни простории каде луѓето барале засолниште од пукањето. Само во еден тоалет се пронајдени 10 тела без повреди, што значи дека се задушиле од чадот.
Одговорноста за нападот ја презеде Исламската држава, но засега нема официјална потврда за оваа информација.
„Борците на Исламската држава нападнаа голем собир на христијани во градот Красногорск, предградие на руската престолнина Москва. Тие убија и ранија стотици луѓе и предизвикаа големи разурнувања пред безбедно да се повлечат во своите бази“ – соопшти ИСИС на својот канал Телеграм.
Повеќе од 50 земји досега испратија сочувство до Русија.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден изрази сочувство до Москва и го осуди терористичкиот напад.
Портпаролката на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Адриен Вотсон изјави дека Вашингтон имала информации за планиран терористички напад во Москва на почетокот на март.
– Владата на САД сподели информации со руските власти во согласност со својата долгогодишна политика – рече Вотсон.
Бајден се уште не се огласи за наопадот.
Терористичкиот напад во Красногорск го осуди и францускиот претседател Емануел Макрон.
– Макрон најостро го осудува терористичкиот напад – пренесува АФП, повикувајќи се на Елисејската палата.
Француското Министерство за надворешни работи претходно изрази солидарност со Русите по терористичкиот напад во Красногорск.