Повеќе од 120 луѓе починаа од топлотен удар во текот на јули во Токио
Повеќе од 120 луѓе починаа од топлотен удар во градското подрачје на Токио во јули, кога просечната температура во земјата достигна рекордни вредности, објавија денеска јапонските власти.
Повеќето од 123 загинати биле постари лица, а сите освен двајца биле пронајдени мртви во затворени простории. Повеќето од нив не користеле климатизери иако ги имале.
Јапонските здравствени власти повеќепати советуваа да се остане во затворен простор за време на топлотен бран, да се консумираат доволно течности и да се користат климатизери, бидејќи постарите луѓе често мислат дека клима уредите не се добри за нивното здравје и избегнуваат да ги користат.
Тоа е најголем број смртни случаи од топлотен удар во 23 метрополитенски области на Токио во јули од топлотниот бран во 2018 година, кога беа регистрирани 127 смртни случаи.
Повеќе од 37.000 луѓе биле лекувани во болниците поради топлотен удар низ Јапонија од 1 до 28 јули, според Агенцијата за управување со пожари и катастрофи.
Просечната температура во јули била за 2,16 степени Целзиусови повисока од 30-годишниот просек, што го прави најтоплиот јули откако Јапонската метеоролошка агенција почнала да води евиденција во 1898 година.
Во повеќето делови на Токио и западна Јапонија и денеска беа во сила предупредувањата за горештини. Температурата се искачи на околу 34 Целзиусови степени во центарот на Токио, каде што многу луѓе носеа чадори или рачни вентилатори.