Либанското министерство за здравство објави дека најмалку 100 луѓе се убиени во денешните израелски воздушни напади врз села и врз градови во јужен Либан. Покрај тоа, повеќе од 400 луѓе се ранети, меѓу нив жени и деца, пишува британски Гардијан.
Израелската војска утрово го почна најобемниот воздушен напад врз Хезболах од почетокот на војната во Газа, што уследи откако Израел ги предупреди цивилите да ги напуштат куќите и зградите каде што оваа вооружена група чува оружје.
„Ги продлабочуваме нашите напади во Либан, акциите ќе продолжат додека не ја постигнеме нашата цел за безбедно враќање на израелските граѓани на северот на земјата. Ова се денови кога израелската јавност мора да покаже смиреност“, изјави израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.
Покрај југот на Либан, Израел напаѓа цели и во источната област Бека и во северниот регион близу Сирија. Портпаролот на израелската војска Авишај Адрае изјави дека се погодени над 300 мети на Хезболах, кој кажа дека возвратил со ракетни напади врз израелски воени позиции.
„Израелските воздушни напади се геноцид во секоја смисла на зборот. Целта на нападите е да се уништат либански села и градови“, изјави либанскиот премиер Наџиб Микати.
Жестоките воздушни удари врз Либан се продолжение на настаните од минатата недела, кога прво беше нападната комуникациската мрежа на Хезболах, а потоа беа убиени двајца високи заповедници на групата.