Потрагата по телото на девојчето продолжува на терен во населбата Бор и денеска, шести ден од апсењето на осомничените за убиството на двегодишната Данка Илиќ. Се претресува втората половина на Кањонот Лазарев. Осомничените за убиството се уште не ја откриваат локацијата на телото. Директорот на „Водовод“ во Бор поднесе оставка. Градоначалникот на Бор прогласи тридневна жалост во тој град.
Се пребарува вториот дел од Кањонот Лазарев, откако полицијата заедно со спасувачката екипа и Планинарската спасувачка служба ги пребара првите 3,5 километри. Се пребаруваше и јамата над кањонот длабока 70 метри.
За потрагата се користи специјалистичка опрема за спасување.
Целиот простор на кањонот е прегледан со дрон опремен со термо камери и можност за 3Д мапирање и ништо не е забележано во таа прилика.
Двегодишната Данка Илиќ исчезна на 26 март на семејниот имот.
По 10-дневна потрага и детални проверки на сите индиции и информации, полицијата уапсила двајца мажи (50) од Бор, осомничени за убиство, кои се спроведени на распит во Вишото јавно обвинителство Заечар.
Станува збор за работници од „Водовода“ на кои им е одредена мерка притвор до 30 дена. Тие се товарат за кривично дело тешко убиство во соизвршителство.
Обвинителството соопшти дека Д.Д. го признал делото, додека Ј.С. се бранел со молчење. Таткото и братот на еден од осомничените се уапсени под сомнение дека помогнале да се пренесе телото на засега непозната локација. Во Полициското одделение Бор почина братот на осомничениот за убиството на Д.Д.
Во меѓувреме, директорот на ЈП „Водовод“ во Бор поднесе оставка од, како што наведе, морални причини.