САД се загрижени поради континуирата поддршка на Кина за Русија од почетокот на војната во Украина, а Вашингтон продолжува да го предупредува Пекинг за поддршката кон Москва, изјави денеска во Минхен американската потпретседателка Камала Харис.
Како што јави известувачот на МИА од Минхен, Харис, говорејќи на 59. Минхенска безбедносна конференција, на панел дисусијата посветена на темата „САД во светот“, нагласи дека тука треба да се споменат и држави како Северна Кодреја и Иран, кои испраќаат оружје за поддршка на руската брутална војна.
– Исто така сме загрижени дека Пекинг ги продлабочи односите со Москва од почетокот на војната – рече Харис.
Американската потпретседателка на Конференцијата, во чиј фокус е преструктуирање и ревизија на светската безбедност, една година по руската агресија во Украина, но и преземање одговорност за воените злосторства извршени во таа земја, нагласи дека секој чекор со кој Кина ја поддржува Русија, ќе доведе само до агресија, продолжување на убиствата и натамошно поткопување на нормите на меѓународниот поредок.
Таа говорејќи за стратешките интереси, напомена дека ниту една нација не е безбедна, доколку една земја може да го загрози суверенитетот на друга.
Во однос на меѓународните правила и норми, Харис изјави дека одговорот на западните сојузници на руската војна е одраз на темелите на кои се изградени државите.
– Всушност овој момент е тест за нашата волја да ги одбраниме и заштитиме тие правила и норми. Други држави може ќе се почувствуваат охрабрени да го следат примерот на насилството. Други авоторитарни сили можеби ќе сакаат да го покорат светот на нивната волја, преку присила, дезинформации, па дури и примена на брутална сила.Меѓународниот поредок, на кој сите се потпираме, може да биде под ризик – потенцира Харис.
Американската претседателка порача дека мора да се стави крај на злосторствата врз украинскиот народ и додаде дека американските граѓани сочувствуваат со нивните страдања. Таа рече дека во САД има многу места, за кои присутните на Конференцијата не слушнале никогаш, а во кои американските граѓани поставуваат украински знамиња, како знак на поддршка на жителите на оваа земја, зафатена од војна.
Висок кинески дипломат овој месец ќе ја посети Русија, јави претходно Си-Ен-Ен, што ќе биде прва посета на кинески официјален претставник од почетокот на руската воена интервенција во Украина.