Премиерот Христијан Мицкоски денеска имаше свој панел и излагање на 20-тиот Европски самит во Салцбург посветен на иднината и реформите на Европската Унија.
Настанот во организација на Институтот на регионите на Европа (IRE), Европскиот конгрес, со околу 700 гости и над 60 говорници од цела Европа, годинава се одржува по 20-ти пат под мотото „ЕУ: Нема иднина без реформи”.
Мицкоски на Фејсбук објави дека во излагањето посочил оти иднината на Македонија е во Европската Унија и на тој пат државата направи бројни отстапки и чекори кои ја докажуваат нејзината посветеност кон европската иднина.
„Она што недостасува е волја проследена со дела регионот вистински да премине од европската чекалница кон реализација на европската иднина. Иднината на регионот е во економска и политичка преобразба и меѓусебно поврзување. Се бориме македонските компании да излезат надвор од границите, да го помогнеме извозот и да привлечеме странски капитал. Досега во овој кус период покажуваме резултати, а заедно ќе направиме многу повеќе“, наведува во објавата премиерот Мицкоски.
Тој синоќа присуствувал на вечера, на покана на градоначалникот на покраината Салцбург и претседателот на Институтот на европски региони, Франц Шаусбергер.
„На моите соговорници им ги пренесов нашите заложби и цели кон европскиот пат на Македонија. Европа мора да ги отвори вратите за државите кои чекорат напред“, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Утре тој ќе има средба со претседателот на Австрија, Александер Ван дер Белен и со министерот за надворешни работи, Александар Шаленберг.