Во рамки на долгорочната платформа за општествена одговорност „Наша гордост. Наша одговорност“ на Пивара Скопје, поставени се пловни препреки на реката Сатеска и реката кај Даљан кои беа посочени како едни од најголемите загадувачи на Охридското Езеро.
Средствата за овие препреки се обезбедени преку иницијативата за издвојување 1 денар од секое продадено стаклено шише со посебна етикета Скопско и Скопско Smooth. Освен пловните препреки обезбедени се и акции за чистење на крајбрежјето и дното на Охридското Езеро и активности за подигнување на еколошката свест кај граѓаните за заштита на животната средина.
Она што природата ни го дала како дар, а светот го препознава како светско природно наследство, обврзани сме да го заштитиме. Ме радува фактот што токму овој проект е дел од сите конкретни мерки и координирани активности кои се реализираат во насока на обезбедување на одржливо управување со сливот на Охридското Езеро, како и зачувување на овој уникатен природен басен.
Реката Сатеска и реката кај Даљан се детектирани како едни од најголемите загадувачи на езерото со цврст отпад и затоа поставувањето на пловни препреки на овие две реки значително ќе придонесе за заштита на езерската вода. Секако од големо значење ќе бидат и сите акции за чистење на крајбрежјето и дното на езерото, активностите кои се фокусирани на подигнување на еколошката свесност кај граѓаните.
Заштитата на животната средина е еден од најважните приоритети на Општина Охрид. Преземаме решителни чекори за обезбедување на поголема заштита на биолошката разновидност и континуирано работиме за унапредување на ресурсите со кои располагаме. Ова особено се однесува на третманот и одведувањето на отпадните води од крајбрежните населби и отстранување на сите критични точки. Токму поради тоа секогаш ќе бидеме подготвени да поддржиме и да бидеме вклучени во вакви проекти, кои се посветени на оваа проблематика и се во насока на зачувување на светското природно богатство кое го поседуваме.
Се надевам дека овој проект на Пивара Скопје ќе биде еден убав пример и поттик за останатите големи компании кои може да се вклучат и да помогнат во делот на заштитата и промоцијата на Охридското Езеро, нашиот најскапоцен бисер и нашата најголема гордост.