Постапката во Собранието за менување на Уставот би требало да почне најдоцна во јуни или јули годинава за да заврши до ноември, кога завршува и скринингот од ЕУ – изјави претседателот на Собранието Талат Џафери денеска на брифинг со новинарите.
Џафери рече дека не мисли дека избори ќе го решат проблемот со немањето доволно гласови (80) за уставни измени, туку дека тоа ќе ја искомпилицира целата работа. За тоа како да се надмине проблемот со мнозинството претседателот на Собранието вели, власта и опозицијата да седнат да разговараат.
– Јас можам да распишам избори само во моментот кога ќе се согласат политичките партии да се распушти Собранието или кога ќе заврши маднатот во последните 90 дена. Во други услови партиите треба да излезат со соодветен предлог – рече Џафери.
Собранието речиси и да нема кворум за работа, а Џафери вели дека тој прави се за да создаде услови за работа и оти тоа е единствена негова одговорност. Според Џафери, обврска е на секој пратеник да биде на работно место без оглед дали е тоа мнозинството или опозицијата.
Од пратениците кои ја поддржуваат т.н. огнена група на ДУИ, Џафери вели дека на седници не доаѓа само Изет Меџити и оти доколку има некоја промена, тој ќе треба да го извести за неговиот статус. Останатите пратеници од ДУИ што се од огнената група доаѓаат во Собранието.
Џафери не смета дека има потреба за седница за односите со Бугарија на која министерот за надворешни работи би реферирал.
Се очекува претседателот на Собранието да свика нова средба во рамки на Жан Моне процесот, а неговите најави се дека до април или мај треба да се знае дали ќе има нов деловник или измени на постојниот и процесот да заврши со присуство на европратениците.
Фото: МИА