Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова го нападна официјален Загреб.
Таа ја обвини хрватската влада дека „систематски, со упорност која подобро би се искористила за нешто покорисно, развива антируска линија, упорно и систематски ги уништува билатералните односи, буквално се спушта на ниво на интрига“.
Нејзината остра изјава следи откако Загреб одбил да дозволи „хуманитарен лет“ од Москва за транспорт на голема група руски дипломати и членови на нивните семејства во Русија, што Хрватска неодамна ги прогласи за непожелни и им даде две недели рок да ја напуштат земјата.
Се работи за 18 дипломати и шест членови на административниот персонал на руската амбасада во Загреб.
– Во напад на русофобична милитантност, официјален Загреб отиде дотаму што одби да организира хуманитарен лет за евакуација на голема група работници на руската амбасада во Хрватска, заедно со нивните семејства, вклучително и мали деца, целосно недипломатски, грубо и со кршење на меѓународни комуникациски стандарди. Се работи за луѓе на кои хрватските власти целосно неразумно им наредиле да ја напуштат земјата – рече Захарова.
– Ваквиот нехуман и крајно исмејувачки однос кон нашите сограѓани нема да помине без соодветен одговор – заклучи Захарова.
Веднаш откако Загреб најави протерување на руските дипломати, најавени се и контрамерки, но Москва сѐ уште не соопштува кога има намера да протера хрватски претставници од Русија.
На овие наводи реагираше и премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ.
– Колку што знам овие луѓе ја напуштија Хрватска. Тука нема русофобија, но јасниот став на Хрватска дека Русија од ништо не е испровоцирана, незаконски и кршејќи ги сите правила на меѓународното право и поредок и вредностите зад кои стоиме, ја нападна Украина и ние одговараме на тоа. Мислам дека им дадовме две недели да ја напуштат Хрватска и не гледам никаков проблем. Прашајте ги оние кои се за Кремљ за пропагандата на Кремљ – рече Пленковиќ.