Поранешната прва дама на Америка, Меланија Трамп, во своите нови мемоари детално ја опиша својата прва средба со сегашниот сопруг Доналд Трамп, признавајќи дека тој бил излезен со друга жена кога почнал да ѝ се додворува. Убавата Словенка открила дека во 1998 година била на забава на Модната недела во Њујорк со пријателка кога им пришол Трамп и покрај тоа што тој бил во друштво на „атрактивна русокоса“.
„Здраво, јас сум Доналд Трамп, кажа човекот кој дојде до мојата маса“, пишува Меланија во мемоарите насловени „Меланија“, кои излегоа на 8 октомври. Тогаш иако го препознала неговото име, ништо повеќе не знаела за Доналд.
Тој и пружил рака и започнал да разговара со неа.
„Неговите очи беа исполнети со интерес и љубопитност. Ја искористи можноста, седна до мојот стол и го започна разговорот. Ме прашуваше за времето кое го поминав во Њујорк, мојот дом во Словенија и моите патувања низ светот“, се потсети Меланија.
И покрај тоа што средбата била кратка, Меланија вели дека на неа оставила траен впечаток.
„Од моментот кога започна нашиот разговор бев маѓепсана од неговиот шарм и опуштеноста. Околу нас се случуваа толку многу нешта, но неговата посветеност на нашата интеракција, направи да се чувствувам како да сум во центарот на неговиот свет“, пишува Меланија.
„Тоа беше освежувачко дистанцирање од вообичаените површни разговори, и открив дека ме привлекува неговата енергија“, додала таа.
Меѓутоа, при првата нивна средба, Доналд не бил сам туку во придружба на друга жена.
„Кога на момент таа се оддалечи, тој ми го побара телефонскиот број“, вели Меланија, којашто притоа одбила да му го даде бројот. Наместо тоа, таа го замолила да ѝ го даде неговиот број, а тој тоа го прифатил со задоволство, но под еден услов.
„Ќе ти го дадам мојот број доколку ветиш дека ќе ме побараш“, ѝ рекол тогаш Доналд.