Поранешен вработен на Канје Вест го тужи контроверзниот рапер, тврдејќи дека тој бил принуден да работи во опасни по живот услови, како и дека морал да спие на подот на имотот што музичарот го реновирал.
Тони Саксон тврди дека Вест му должи 993.000 долари за неисплатена плата откако работел како „проект менаџер и куќна помошничка“ во куќата во Малибу.
Саксон изјавил за „Скај њуз“ дека Канје Вест му наредил да ја отстрани електричната енергија и прозорците од куќата.
„Тој сакаше куќата да биде како засолниште“, рекол тој. Имено, Канје сакал таа куќа да му биде „бункер, место каде што ќе се крие“.
Според тужбата поднесена во Врховниот суд во Лос Анџелес, Вест, кој законски го смени своето име во „Је“, незаконски го отпуштил Саксон откако тој одбил да ги исполни „опасните“ барања на раперот. Во тужбата се наведува дека тој го ангажирал Саксон во 2021 година како проект менаџер со полно работно време на имотот на плажата вреден повеќе милиони долари.
Покрај овие улоги, неговите должности вклучувале и надзор на задачите поврзани со градењето, вклучувајќи чистење, уривање, вработување изведувачи и координација на работници. Канје, наводно, ја купил куќата за повеќе од 55 милиони долари, а потоа ја срушил за да започне обемна реконструкција. Како резултат на уривањето на споменатиот имот, според тужбата, Саксон морал цело време да спие на подот.
И покрај „постојаните поплаки“ на Саксон за условите за спиење и другите опасности, Канје не попуштил. Во еден момент, Саксон рекол дека му било кажано да донесе генератори за електрична енергија, но тој одбил да го стори тоа од безбедносни причини и го прашал раперот „дали сака да го убие“.
„Ако не ме слушаш, тогаш ти си непријател, ти си Клинтон, ти си Кардашијан и јас нема повеќе да бидам твој пријател. Нема да ти дадам друга шанса“, му рекол Канје на Саксон откако тој одбил да го носи споменатиот генератор.
Саксон тврди дека му била ветена исплата од 20.000 долари неделно, но еден месец подоцна добил само една исплата од 20.000 долари за своите услуги заедно со 100.000 долари за трошоци за изградбата, се наведува во жалбата.
„Тој никому не плаќа“, тврди Саксон.
„Тој ги тера луѓето да ја завршат целата оваа работа и да отфрлат сè поради него, а потоа се предомислува или заборава. Работењето за Канје беше лудо. Постојано се прашувате која верзија на Канје ќе биде на другата страна на телефонот: добриот свештеник или лудиот диктатор“, додал тој.
Според тужбата, Саксон се пожалил дека е „исцрпен“ од работа и дека му треба време за одмор, но Канје го игнорирал. Недолго потоа, тврди тој, тешко го повредил грбот додека работел, но неговите барања повторно биле игнорирани.