Жилавоста на Украинците, нивната снаодливост и брзото учење во војната значи дека тие навистина можат да победат, анализира пензионираниот американски генерал Марк Филип Хертлинг во своја статија во Вашингтон Пост. Познатиот генерал кој 37 години служел ја дели војната во пет фази, велејќи дека од декември сме во петтиот дел – токму година дена по почетокот на конфликтот.
Тој вели дека Русите никогаш не успеале да извршат масовен напад на Украина затоа што немаат единство во командата. Друг проблем според него се необучената руска војска и лошата мобилизација.
Украина ќе се бори над своите можности. И Русија ќе се засрами – му рекол тој на еден колега првата ноќ од војната.
Еве кои се петте фази според генералот.
Прва фаза – неуспешна опсада на Киев и изгубени 40 отсто од руските сили
„Војната започна на 24 февруари, а беа потребни шест недели за да пропадне првата фаза од офанзивата на Путин. Уште на 2 април, тој беше принуден да проба поинаков пристап. Тој ги пресели руските сили на исток, поставувајќи нови генерали на чело“, пишува Хертлинг.
„Но, тој не направи доволно за да ја поправи штетата што ѝ беше направена на армијата од таквиот катастрофален почеток. Процените се различни, но се чини дека до 40 отсто од борбените единици на првата линија на Русија се уништени, линиите за снабдување се десеткувани и недостасува ефективно водство“, додава генералот.
„Путин го пресели најголемиот дел од својата војска на исток, а потоа нареди војската да се обнови за неколку недели. Секој генерал кој е запознаен со физичките и психолошките барања поврзани со реорганизирање на таква сериозно деградирана сила ќе ви каже дека тоа нема да успее“, подвлекува пензионираниот генерал.
Втора фаза – Путин се сврте кон Исток, а Украинците мораа брзо да учат
„Потоа, на 18 април, Путин започна нова офанзива на исток, означувајќи го почетокот на втората фаза од војната. На руските карти беа нацртани нови стрели и кругови, но руските генерали и војниците на теренот сè уште беа послаби од Украинците.
Немаше квалитетна адаптација и обид да се извлечат тешки лекции од претходните неуспеси. Крпени единици со низок морал беа фрлени во борба со мало планирање, лошо извидување и неефикасно раководство на бојното поле. Од другата страна пак, украинските генерали брзо учеа, а украинските војници беа иновативни и снаодливи. Руските сили продолжија да трпат големи загуби“, се вели во анализата.
Трета фаза – Летото во кое Русија ги загуби Харков и Суми
„Третата фаза започна во јули и траеше до септември. Украинската армија го принуди непријателот на големо повлекување на североисток во регионите Суми и Харков, користејќи ограничени контранапади насочени кон вистинските локации, поддржани од големи оперативни измами на југ. Украинските сили за специјални операции, исто така, придонесоа значително во оваа фаза, користејќи тајност и дисциплинирано оперативно управување за да се осигурат дека Русија е засрамена зад нејзините линии“.
„Во поголемиот дел од летото, Русите претрпеа загуби кои далеку ги надминуваа оние претрпени за време на катастрофалната прва и втората фаза од војната“, истакнува Хертлинг.
Четврта фаза – Референдумите за четирите региони и спорната мобилизација
„Четвртата фаза од војната започна на крајот на септември, кога Путин објави дека ќе бидат присоединети неколку делумно окупирани јужни региони на Украина. Ова беше придружено со наредбата на Путин да се мобилизираат дополнителни 300.000 Руси. Референдумите на окупираните територии, кои се подготвуваа со месеци, постојано беа одложувани поради ефективен бунт на украинското население и на украинските сили“, смета генералот.
„А мобилизацијата, иако беше успешна во доведувањето на ограничен број „свежи“ но неволни војници на линијата на фронтот, сепак страдаше од истите недостатоци што ги карактеризираа руските воени напори од самиот почеток“, потцртува генералот во текстот.
„Мобилизациите беа избрзани и импровизирани, регрутите беа слабо обучени и опремени, а руското раководство сè уште недостасуваше. Спротивно на тоа, акциите на Украина во овој период се состоеја од импресивно координирана употреба на конвенционалните сили кои успешно ракуваа со новопристигнатото западно оружје, пред сè прецизната артилерија и проектилите“, објаснува Хертлинг.
Петта фаза – Фронтот не се поместува, ама Украинците и тоа како издржуваат
„Од декември сме во петтата фаза од оваа војна. Иако фронтот можеби не се помести многу, имаше значителни борби и големи загуби на двете страни“, смета тој.
„Оваа фаза најдобро се сфаќа не како застој, туку како фаза во која Украина се бори да го преживее рускиот напад. Путин ја продолжува својата погрешна мобилизација и испраќа свежо топовско месо до украинските линии во ударни бранови“, се вели во текстот.
„Украинските генерали избалансираа ограничени, но одржливи контранапади со активна одбрана, додека истовремено беа принудени да распределат оскудни капацитети за противвоздушна одбрана за заштита на цивилите. Украинските сили, исто така, продолжуваат да спроведуваат разузнавачки операции за да идентификуваат цели кои најверојатно ќе бидат нападнати во блиска иднина“, ја оценува Хертлинг украинската одбрана.
„Тоа е деликатна рамнотежа за носителите на одлуки во Киев. Тие се обидуваат да ги задржат одбранбените линии додека тренираат и ги опремуваат своите сили со ново стекнат напреден западен материјал кој ќе направи квалитативна разлика во претстојната контра-офанзива“, заклучува генералот.