Американскиот државен секретар Ентони Блинкен при денешната посета на Рамала, како дел од напорите за прекин на војната во Појасот Газа, на претседателот на Палестинската управа, Махмуд Абас, му соопшти дека Белата куќа поддржува „опипливи чекори“ кон создавање палестинска држава, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.
„Тајмс оф Израел“ пренесува дека Блинкен го повторил долгогодишниот став на Вашингтон дека палестинската држава мора да стои крај Израел и дека двете страни треба да живеат во мир и безбедност.
Блинкен забележал „зголемена нестабилност“ на Западниот Брег, каде дојде до бран терористички напади против Израелците и засилени операции на израелските одбранбени сили (ИДФ) за уништување на Хамас и другите милитантни групи.
Исто така, забележа тој, има зголемување на насилството на доселениците врз Палестинците.
На средбата во Рамала, претседателот Абас истакнал дека Газа е составен дел на палестинската држава и не треба да биде отсечена како резултат на војната на Израел со Хамас, се наведува во официјална изјава објавено од палестинската агенција ВАФА.
Абас кажал дека Палестинците не смеат да бидат раселени од Газа или од окупираниот Западен Брег и дека има ограничена моќ по расколот со Хамас во 2007 година, пренесуваат британските медиуми.
Тој повика на „свикување меѓународна мировна конференција за да се стави крај на израелската окупација на палестинската земја, со источен Ерусалим како главен град, а со тоа да се постигне мир и безбедност за сите“, објави ВАФА.