Супермаркетите во Велика Британија ставаат безбедносни ознаки на месото и сирењата, а наместо кафе на полиците чуваат лажни тегли, поради големиот пораст на кражби.
Некои маркети го ограничуваат бројот на предмети кои можат да се стават на полиците, пишува Би-Би-Си.
Според истражувањето на британскиот јавен сервис, кражбите се вратија на нивоата пред пандемијата.
Во март, полициските сили во Англија, Велс и Северна Ирска регистрирале речиси 33.000 случаи на кражби во продавници, што претставува зголемување од речиси 31 отсто во споредба со март минатата година.
Фотографиите објавени на социјалните мрежи покажуваат низа мерки против кражба што се преземаат во различни супермаркети.
Еден корисник објави слика од месо со заштитни уреди во продавниците „Co-op“.
– Тие пакуваат стекови како златни прачки – напиша тој на Твитер.
Друг корисник на Твитер објави слика од „лажни“ тегли за кафе на истиот маркет, а на клиентите им беше кажано дека можат да побараат да купат вистинско кафе на каса, објаснува тој.
Компанијата изјави за Би-Би-Си дека не се работи за национална политика.
– Заштитата на безбедноста на нашите колеги е приоритет и знаеме дека кражбата може да доведе до насилство врз работниците во продавниците, па иако ова не е политика на национално ниво, може да се донесе одлука за спроведување безбедносни мерки на локално ниво доколку продавницата има одредени проблем – велат од „Co-op“.
Еден корисник на Твитер објави слика од продавница на „M&S“ со само три стекови на полиците.
Таа напишала дека била шокирана кога видела речиси празни полици, но дека вработениот и рекол дека тоа е направено намерно поради зголемениот број на кражби.
Портпаролот на „M&S“ изјави за Би-Би-Си дека компанијата нема политика за ограничување на бројот на производи.
– Доколку одредена продавница има проблем со кражба, тогаш може да воведе свои мерки – велат од компанијата.
Според податоците на полицијата, во некои британски региони имало поизразен пораст на кражби во продавници во март, па така Гвент забележал најголем пораст, кој во периодот јануари-март изнесувал 961, наспроти 552 во истиот период минатата година.
Во меѓувреме, полицијата во Нортамбрија, Стафордшир и Хемпшир е забележано дека стапките на кражби се зголемиле за повеќе од 50 отсто.
Во исто време, цените на храната во Британија растат со најбрзо темпо во последните четири децении.
Прехранбените производи до април поскапеа за 19 отсто, а според официјалните податоци нагло поскапеа сите основни намирници како шеќер, млеко и тестенини.