More

    Популарниот „дозволен минус“ на плата станува проблем за граѓаните кои не успеваат овој долг кон банките навреме да го покријат поради високиот раст на каматите

    spot_img

    Популарниот „дозволен минус“ на плата станува проблем за граѓаните кои не успеваат овој долг кон банките навреме да го покријат поради високиот раст на каматите на овој банкарски производ, кој  од почетокот на годината пораснаа и до високи  14,30%. Дополнително, за граѓаните е проблем и тоа, ако не успеат да го отплатат долгот за минусот ќе ја намалат и можноста за ново задолжување кај банките поради намалување на нивниот кредитен рејтинг кој од јануари се утврдува според вкупната можност да се отплаќаат долговите.

    Каматите на пречекорување и казнената камата на дозволениот минус на плата, кои ги пресметуваат банките од почетокот на годинава, се движат од 10,60 до 14.30% и се речиси трипати повисоки од каматите на кредитите.

    Граѓаните се изненадени иако се свесни дека со растот на основната каматна стапка, која ја утврдува Народната банка растат и овие каматни стапки, но велат дека банките во однос на овие долгови на граѓаните се однесуваат лихварски бидејќи се далеку повисоки од каматите на кредитите.

    Економисти советуваат граѓаните да бидат претпазливи во однос на задолжувањето кон банките и да се обидат да не го надминат дозволениот минус на сметките за да не плаќаат високи камати кои дополнително ќе ја нарушат нивната финансиска состојба и кредитен рејтинг.

    Различни политики на банките за каматите на дозволениот минус

    Зависно од политиката на банките каматата на пречекорување се различни. Проверката на износите кај петте најголеми банки во земјава покажува дека каматата на дозволениот минус е најниска во Стопанска банка која различно ја пресметува за своите и за другите клиентите. Така, за примателите на плата или пензија во оваа банка се пресметува камата од 10,60%, а за останатите клиенти 12,89%. Во Халкбанк каматата е утврдена на 14%, во Комерцијална банка 14,25%, додека во НЛБ Банка и во Шпаркасе банка 14,30%.

    При утврдувањето на оваа каматна стапка банките ја користат основната каматна стапка, односно онаа на благајнички записи, утврдена од Народна банка и плус 8% дозволена максимална граница. Последната каматна стапка на благајничките записи изнесува 6,30%, а ја утврди Народната банка на 20 декември лани.

    Висината на каматната стапка на благајничките записи вообичаено се утврдува од страна на Народната банка два пати годишно, на 1 јули и на 1 јануари, по што комерцијалните банки ги приспособуваат своите каматни стапки. Оваа практика на утврдување на основната каматна стапка во текот на енергетската криза беше променета, кога каматата растеше неколку пати во текот на годината, што влијаеше и на редовниот раст на каматите кај банките.

    Нови правила за кредитниот рејтинг на граѓаните

    Најчесто банките  одобруваат пречекорување во висина од 1 до 2 плати, но некои банки одобруваат минус и до 5 плати, што доколку не се користи разумно и нередовно се исплатува може да влијае на кредитниот рејтинг на секој поединец од 1 јануари годинава се утврдува според нови правила.

    Според нив, банките ја следат нефункционалната кредитна изложеност на клиентите кои користат повеќе различни производи на една банка и на периодот во доцнење на доспеаните побарувања. Банките го следат преку вкупниот износ, односно збирот на кредитната изложеност од сите користени производи на клиентот во банката. Па така доколку имате нефункционална кредитна изложеност по основ на еден кредитен производ, тоа ќе значи дека имате нефункционална кредитна изложеност по основ на сите кредитни производи во банката, односно ќе имаат помала можност да добијат нов кредит од банката.

    Во согласност со новата регулатива, за нефункционална изложеност се смета доспеаниот долг повеќе од 90 дена последователно, при што вкупниот износ на доспеани обврски треба да е поголем од 6.000 денари за физички лица и 30.000 денари за правни лица, и да надминува 1% од целокупната искористена кредитна изложеност во банката, вклучувајќи ги провизиите и надоместоците. Претходно уредноста на отплатата кај еден клиент се следеше одделно, по користен производ.

    Експерти советуваат граѓаните да бидат внимателни

    Според податоците на Народна банка вкупниот долг на граѓаните кон банките по основ на дозволен минус на плата во ноември лани надмина 113 милиони евра. Податоците говорат и дека секој трет граѓанин на земјава користи дозволен минус од некоја банка со просечен износ од  30.000 денари.

    Граѓаните се загрижени од честиот раст на каматите на нивните задолжувања во банките, поради се поголемите трошоци кои влијаат на нивната способност да ги вратат парите на банките. Дел од нив поради тоа дополнително се задолжуваат со кредити за да ги покријат потрошените минуси.

    – Досега некако излегувавме на крај со трошоците со овој минус на плата во банката, но со новата каматна стапка ова за мене станува луксуз бидејќи потрошениот минус лани тешко ќе можам да го покријам со платата која е пониска од минусот. Трошоците пораснаа, а платата остана иста речиси цела мината година. Не ми останува друго туку да ја покријам сумата колку што можам побрзо со земање кредит на подолг рок за отплата кој има пониска камата од оваа на дозволениот минус. Се разбира, ако ми одобри банката, а во спротивно ќе треба да плаќам висока камата и долгот да расте – вели скопјанката Анета С.

    Економистот Маријанчо Николов советува граѓаните да бидат претпазливи во однос на пречекорувањето на дозволениот минус, но и на отплатата на останатите обврски кон банките за да не се доведат во состојба да не можат да ги отплатат подоцна.

    – Каматите на задолжувањата на граѓаните кај банките растеа во текот на изминатата година, па и овие за минусот на картичките. Немаштијата и животните потреби не можат да се задоволат со примањата на најголемиот дел од граѓаните, па овие продукти на банките многу често се користат, но каматите се високи и ќе ангажираат дополнителен дел од приходите на граѓаните што секако влијае и на нивната потрошувачка моќ, високото ниво на задолженост на граѓаните по основ на камати на минусните салда од 113 милиони евра говори дека овој проблем не е мал за граѓаните, па сметам дека банките треба преку своите деловни политики да инсистираат на пониски камати, односно при пресметката да не ја користат највисоката маргина на утврдување на каматната стапка. Тоа е можно, бидејќи дел од нив не пресметуваат највисок износ на камата и сметаат на редовните приходи кои им доаѓаат од граѓаните, но дел од нив се определуваат за највисокиот износ што не е поволно за граѓаните – вели Николов.

    Според него и Народната банка треба да направи анализа на состојбата, и ако нема дополнителни ризици да ја намали основната каматна стапка што ќе влијае и на намалување на каматите кај банките.

    – Засега ризиците се видливи и затоа централните банки не се одлучуваат да ги намалат основните каматни стапки. Но, доколку Народна банка оцени дека е можно намалување на основната камата, тоа би се одразило и на овие камати. Сметам дека банката ќе треба да ги анализира и провизиите и другите надоместоци на банките и таму да интервенира и да влијае на стандардот на граѓаните. Сепак, да се надеваме дека годинава ќе биде подобра од минатата за да може да се намали основната каматна стапка и оттаму да се намалат и каматите за граѓаните – вели Николов.

    На граѓаните им останува дозволеното пречекорување да го користат само во случаи на непредвидени и неодложни трошоци и да не влезат во вителот од кој тешко ќе можат да излезат подоцна, бидејќи за секој ден во кој се користи дозволеното пречекорување, банката пресметува камата на искористената сума, што значи дека колку подолго се користи, толку повеќе се зголемува долгот.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img