Исплашените станари се обидуваа да ѝ подадат рака од балконот на жена во страшната поплава во Шпанија, но секој обид да ја спасат беше безуспешен. Снимка која се појави на социјалните мрежи покажува како жената во еден момент пробла да се фати за столб на уличната светилка, но силната вода ја повлече, пренесува Нова.
Најмалку 51 лице загина во разорното невреме што вчера погоди големи делови на Шпанија, соопштија властите. Се очекува бројот на жртвите да се зголеми додека службите за итни случаи трагаат по десетици лица исчезнати во поплавата.
Спасувачите пронајдоа 13 тела во текот на ноќта само во провинцијата Валенсија, вклучувајќи четири во Паипорта, двајца мажи, една жена и едно бебе, и пет во Торент, во близина на главниот град на провинцијата.
Ужасните поплави ги претворија улиците во реки и заробија стотици луѓе во нивните домови. Некои беа принудени да се качуваат на дрвја, канделабри и очајнички да бегаат на горните катови на зградите за да избегаат од водата.
– Вчера беше најлошиот ден во мојот живот – изјави Рикардо Габалдон, градоначалник на Утиел, град во Валенсија, за националната телевизија RTVE. Тој додаде дека неколку луѓе во неговиот град се уште се водат како исчезнати.
– Бевме заробени како стаорци. По улиците лебдеа автомобили и контејнери за ѓубре. Водата се искачи на три метри – рече тој.
Шпанската влада најави формирање кризен штаб. Министерката за одбрана Маргарита Роблс изјави рано утринава дека повеќе од 1.000 припадници на воената единица за итни случаи се мобилизирани да им помогнат на жртвите.
Суспендирани се неколку летови кон Валенсија, а целиот железнички сообраќај во градот е во застој. Наставата е прекината во сите училишта.