Премиерот на Полска, Доналд Туск изјави дека руската инвазија врз Украина пред помалку од две години вовела нова ера на војни во Европа.
– Знам дека звучи депримирачки, особено за помладата генерација, но мораме да се навикнеме на фактот дека почна нова ера: предвоената ера. Не претерувам, секој ден станува се појасно. Не сакам никого да плашам, но војната повеќе не е концепт од минатото. Таа е реална и почна пред повеќе од две години – изјави Туск за германскиот весник „Велт“.
Тој додаде дека „во моментот најзагрижувачко е тоа што буквално секое сценарио е можно. Не сме виделе ваква ситуација од 1945 година“.
Туск наведе дека е сведок на револуција во европскиот менталитет.
– Никој повеќе не ја доведува во прашање потребата од заедничка одбрана. Погледнете ја Германија, каде што се случи огромен пресврт. Денес, ЦДУ и ГСДП се натпреваруваат кој од нив е попроукраински – истакна Туск.
Тој повика и на поконзистентна заштита на надворешните граници на ЕУ.
– ЕУ во целина, како моќна организација, мора да биде ментално подготвена да се бори за безбедноста на нашите граници и територија – посочи Туск.
Рано утрово полските и сојузничките авиони беа ставени во состојба на готовност откако Русија изврши ракетни напади врз Украина.