Украинскиот државен оператор на електричната мрежа Укренерго прогласи вонредна состојба откако руските ракетни напади низ земјата предизвикаа пад на потрошувачката на енергија во Украина за повеќе од 50 отсто, се вели во соопштението.
Министерот за енергетика на земјата Херман Халушченко изјави дека во денешниот напад биле оштетени девет енергетски објекти.
Во некои области, како Полтава и Харков, имаше загуба на електрична енергија.
Прекини на струја беа најавени и ширум Украина.
Претходно локалните власти соопштија дека Харков и Полтава се целосно без струја по руските напади утринава, а градоначалникот на Киев Виталиј Кличко изјави дека во ракетниот напад на руските сили утринава врз Киев била оштетена енергетската инфраструктура поради што има прекини во водоснабдувањето.
Кличко, исто така, рече дека работата на метрото на сите линии е привремено прекината, а станиците служат како засолништа. Руските сили утринава извршија ракетни напади врз Киев и голем број региони на Украина.