Полнењето на буџетот е стабилно и сосема е извесно дека годината ќе ја завршиме со исполнување на планот, бидејќи до крајот на годината останува да се наплатат уште 5 проценти од годишниот план, оцени денеска директорката на управата за јавни приходи (УЈП) Елена Петрова.
– Заклучно со 30 ноември планот е целосно исполнет и натфрлен со 2 проценти. Сега се наоѓаме во период од месец декември кога сѐ уште не поминале клучните датуми кога се роковите за плаќање на обврските, тоа се 15-ти и 25-ти во месецот, но еве до крајот на годината останува да се наплати уште 5 проценти од годишниот план и споредбено со тоа какви се историските тенденции колку приходи или колкав дел од годишниот план се наплаќа во текот на декември секоја година, сосема е извесно дека овие 5 проценти ќе ги наплатиме до крајот на годината – изјави Петрова во одговор на прашање пред почетокот на презентацијата на најновиот Извештај на Светска банка за земјава.
Прашана дали има потреба да се зголеми ДДВ-то, како што предлага бизнис заедницата, Петрова рече дека нема потреба од зголемување на ставката на ДДВ и додаде дека со други методологии, со други пристапи може да се подобри даночната усогласеност и да се мобилизираат даночните приходи со задржување на ниски даночни стапки.
– Ние работиме во рамките на политиките на Владата и на фискалната стратегија, тоа се политики за одржување ниски даночни стапки, а собирањето или мобилизацијата на даночните приходи треба да ја обезбедиме во тие услови на ниски даночни стапки со проширување на даночната база, со интегрирање на сивата економија во формалната економија и со разни други мерки коишто ќе се однесуваат на намалување на сите други даночни гафови, односно загуби на даночни приходи поради даночна евазија поради нецелосно и неточно плаќање на даноците – рече Петрова.