Полициски службеници го започнаа увидот по експлозијата на бомба во дворот на Раде Трајковски Штекли во скопска Ќерамидница, додека тој е во болница и не е животозагрозувачка состојба.
Пристапот до куќата на Трајковски е ограничен и повеќе полициски единици се на терен и вршат увид.
Министерот Панче Тошковски на платформа во Владата, одговарајќи на новинарски прашања потврди дека бомбата била фрлена во дворот на Раде Трајковски-Штекли.
– Случајот настанал во 9.20 часот. Информациите кои ги добив се дека лицето не е во животозагрозувачка состојба и дека се постапува од страна на службите во МВР. Тоа можам да го кажам во моментов – рече министерот.
Тој додаде дека во текот на денот Министерството ќе излезе со повеќе детали за овој настан, но исто така најави борба со сите криминални групи кои ја загрозуваат безбедноста на граѓаните.
– Ќе следат и други постапки. Покажавме дека јасно и одлучно ќе се бориме против криминалот. Добро е што немаме животозагрозувачка состојба на никого во моментов. Лошо е што криминалните банди си пустошат и денес, но соодветно и сурово ќе одговориме кон оние коишто го попречуваат мирот на македонските граѓани. Убиства имало и ќе има, фрлање бомби имало и ќе има, прашањето е како државата и институциите ќе одговорат на ваквите бандити и криминалци. Мислам дека за краткиот временски период покажавме дека имаме капацитет да одговориме. Отвораме војна против ваквите криминалци – рече Тошковски.
Домот на Штекли се наоѓа зад трговскиот центар „Ист гејт“, каде што тој два пати беше мета на напад. Во вториот обид Трајковски беше повреден од огнено оружје, но повредите не беа животозагрозувачки.