Полицијата спроведе нови рации во канцелариите на Европскиот парламент во Брисел при што заплени компјутерски податоци на 10 парламентарни соработници, како дел од внатрешна истрага за наводите за корупција, кои го тресат Европскиот парламент.
Обвинителите до сега заплениле и неколку стотици илјади евра на три различни локации, 600. 000 евра во домот на еден од осомничените, неколку стотици илјади евра во куфер запленет во хотелска соба во Брисел и околу 150.000 евра во стан на европратеник, пренесува Асошиејтед прес.
Пред неколку дена полицијата во Брисел уапси четири лица меѓу кои и потпретседателката на ЕП, Ева Каили, европратеничка од грчката ПАСОК под сомнение дека се вмешани во коруптивниот скандал.
Поради сомнежите за вмешаност во корупција, Каили беше исклучена од нејзината партија во Грција, беше суспендирана од политичката групација на социјалдемократите во ЕП, беше разрешена и од функцијата заменик-претседател на Европскиот парламент, а Грција го замрзна нејзиниот имот.
Обвинителите во случајот одбија да ја идентификуваат земјата осомничена дека нуди пари или подароци на парламентарни службеници во замена за политички услуги.
Неколку членови на ЕП и некои белгиски медиуми ја поврзаа истрагата со Катар, кој е домаќин на тековното Светско фудбалско првенство. Министерството за надворешни работи на Катар, пак, негираше каква било злоупотреба.