Во воведните говори на Јавното обвинителство денеска не слушнавме која е поткрепата за обвинението за Александар Ѓорчевски за помагање во грабнувањето на неговата убиена ќерка Вања Ѓорчевска и врз основа на кои докази обвинителот го темели обвинението за стореното кривично дело, изјави денеска адвокатот на таткото на Вања, Владимир Туфегџиќ по завршувањето на првото рочиште.
– Обвинителот само паушално наведува дека Александар помагал. Немаме дејства на извршување, немаме докази во таа смисла и потполно беше апсурдно барањето на Јавното обвинителство за исклучување на јавноста, а самиот јавен обвинител во воведниот говор вели на крајот од постапката јавноста да ги добие долгоочекуваните одговори. Како јавноста, доколку биде исклучена, ќе ги добие долгоочекуваните одговори – рече Туфегџиќ.
Адвокатот додаде дека таткото на Вања е жртва и оштетен во постапката.
– Александар е жртва, тој е оштетен во оваа постапка, тврдам дека секој родител кому би му се случило вакво нешто би го презел апсолутно истото тоа што го презел тој, би водел своја самостојна истрага. Сведоци сте дека обвинението се темели токму на доказите што ги прибавил Александар и тоа со знаење и со согласност на полициските службеници, за кои како бранител барам да бидат испитани и да видиме како ја воделе постапката – рече адвокатот.
Туфегџиќ тврди дека истрагата не е водена како што треба, врз основа на основните принципи и постулати на криминалистичкото прифилирање и криминалистичката истрага и „затоа го имаме тој резултат во однос на Александар“.
Мојот клиент, додаде, очекува да се утврди вистината со имиња и презимиња.
Бранителот на Александар Ѓорчевски рече дека не знае кој ќе биде концептот на одбрана на другите.
– Јас сум доведен во позиција да бранам потполно невин човек, за кој нема апсолутно ниеден доказ, но Обвинителството најверојатно се раководи според постулатот дека остава Судот да донесе одлука за Александар, иако се свесни дека за него немаат докази – додаде адвокатот.
Во однос на тврдењето на Обвинителството дека само таткото на Вања знаел оти таа во критичниот понеделник ќе оди тој ден сама на училиште, адвокатот рече дека таков доказ тој нема, а од каде се влечат тие заклучоци, јавниот обвинител треба да презентира.
– Јас барам со примена на технички средства за Алаксандар секој доказ или група на докази да бидат презентирани посебно – рече тој.
Според адвокатот, таткото Александар е класично злоупотребен.
– Неговите дејства во насока на самостојна истрага се злоупотребени и погрешно протолкувани. Тој бил во секојдневна комуникација со своите деца и не е тајна дека бил близок со своите деца – додаде Туфегџиќ.
Стојам на тоа, додаде, дека мојот клиент е изложен на понижување и нечовечко однесување од полициските службеници и од затворската полиција.
– Со тоа е запознат и застапникот на обвинението. Тоа го говори медицинската документација и извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Медицинската документација за тоа е на располагање во судот, па судот нека цени – рече адвокатот Туфегџиќ во изјава за медиумите.
Здравјето на мојот клиент, рече на крајот, е онакво каков што е и самиот амбиент за овој предмет, а тој „со последни сили сака само да истрае до крај да ја слушне и дознае вистината“.