Полициски инспектори биле повикани минатата недела во Судскиот совет за утврдат дали се точни сомнежите на еден член кој пријавил дека некој му претура по канцеларијата.
Претседателот на Советот Сашко Георгиев денеска потврди дека имало таква полициска акција во Судскиот совет во петокот, но засега не се соопштува што е откриено.
На прашање дали постојат сомнежи дека се влегува во канцелариите на вработените во Судскиот совет, тој одговори дека тоа ќе се испита.
– На работен колегиум дискутиравме во врска со тоа дека имало индивидуални видувања на некои од колегите во врска со некакви сомнежи за влегување во канцеларија или слично, тоа се нивни лични видувања. По дискусија на колегиум донесовме одлука дека во целата ситуација, штом имаме такви сомнежи, редно е да се испита тоа за да знаеме каква е состојбата – рече Георгиев.
Според Телма, полициски инспектори ги проверувале камерите во судски совет за да ги утврдат сомнежите на пријавувачот.
Судскиот совет на денешната 442 седница утврди престанок на судиска функција поради исполнување на услови за старосна пензија на четворица судии.
Станува збор за судиите Аце Бакиевски од Апелацискиот суд Битола, Елези Исмаил од Основен суд Кичево, Зоран Стевановски од Основен суд Прилеп и Александра Зафировска од Основен суд Тетово.
На денешната седница, исто така, беше донесена одлука за определување на в.д претседател на Основен суд Прилеп, при што беше избрана судијката Јасмина Шишковска Стојковиќ.
Судскиот совет донесе и одлука за престанок на функцијата судија поротник на Основен суд Кочани и Основен суд Кратово, со што поради наполнети 60-годишна возраст, судскиот совет ги разреши поротниците Томе Зашев од Основен суд Кочани и Кристина Петрушева од Основен суд Кратово.
Судии поротници беа избрани во Основен суд Кочани и тоa, Сашко Стоименов, Иван Минов, Владимир Георгиев, Васка Ефтимова и Марија Ангелова.