Полицаецот Дејан Пантиќ, кој беше уапсен на 10 декември на административниот премин Јариње и сè уште е во притвор, ќе биде пуштен да се брани од слобода, јавува Б92. Ова според српските медиуми, би можело да ја смири кризата на Косово после празниците. Триесетдневниот притвор на Пантиќ завршува на седми јануари.
Неговиот син Предраг за медиумите изјави дека уште е воодушевен и не верува што се случува и дека нема точни информации кога татко му ќе се врати дома.
– Разговаравме и со претседателот Вучиќ, не знаеме кога ќе си оди дома, адвокатот ни рече дека ќе биде пуштен во домашен притвор, но сè уште немаме 100 отсто официјални информации – изјави тој за медиумите.
Како што додаде тој, ситуацијата на Косово е сè уште многу комплицирана и поради барикадите на север немаат поим кога Дејан ќе се врати дома, но она што е важно е дека се чини дека правдата победила.
Според информациите, Пантиќ најпрво ќе биде испратен во болница, каде ќе се следи неговата општа состојба, со оглед на фактот дека тој помина речиси три недели во базата на косовската полиција во Јариње.
Поранешниот заменик-министер за заедници и враќање, Миљазим Гаши, изјави дека постојат шанси ситуацијата на северот на Косово да се деблокира меѓу 10 и 15 јануари, пренесува Кљан Косова.
Овој датум Гаши го поврза со завршувањето на празникот, како и со рокот за ослободување на уапсениот поранешен српски полицаец.
– Единствената информација што ја имам е дека на КФОР му треба време да ја анализира ситуацијата. По празникот на 7 јануари, на екс полицаецот му истекува 30-дневниот притвор, така што мислам дека меѓу 10 и 15 јануари ситуацијата на северот ќе да биде „отклучена“ – рече Гаши.
Пантиќ беше уапсен од косовските власти за наводно организирање терористички напад во просториите на Централната изборна комисија на северот на Косово.