Доколку Европската унија сака да влијае на автократите во земјите кандидати, мора да воспостави силна култура на независни медиуми во своите граници, објави бриселскиот портал Политико во анализа на состојбата со медиумските слободи. Порталот наведува дека шпанскиот премиер Санчез изгледа ја препишал својата стратегија за влијание врз медиумите од прирачникот на српскиот претседател Александар Вучиќ.
По неколкумесечниот молк пред невидените антивладини протести во Србија, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен конечно го критикуваше Белград за неуспехот да ги спроведе реформите потребни за влез во ЕУ, потсетува Политико.
Порталот наведува дека Фон дер Лајен ја повикала Србија да „преземе решителни чекори кон слободата на медиумите, борбата против корупцијата и изборните реформи“.
Два контроверзни закони
„Српскиот претседател Александар Вучиќ – поранешен министер за информации – ја консолидираше моќта на својата партија веќе една деценија, агресивно воспоставувајќи контрола над медиумите во земјата. Во октомври 2023 година, српската влада усвои два контроверзни закони кои им дозволуваат на државните компании да влезат на медиумскиот пазар, отстранувајќи ги заштитните мерки воведени по падот на режимот на Милошеви.
Овие закони дополнително го нарушија медиумскиот амбиент, кој веќе беше под силно влијание на властите, додека ЕУ ги игнорираше предупредувањата на медиумските здруженија кои го предвидуваа нивното антидемократско влијание“, потсетува порталот.
Тој додава дека Европската унија го прекина молкот дури по масовните протести против Вучиќ и неговата влада, како и физичките напади врз неколкуте преостанати независни новинари.
Теоретски, реформската агенда во рамките на процесот на пристапување во ЕУ треба да и обезбеди на Комисијата одредено влијание. Меѓутоа, во последниве години, неколку земји кандидати, меѓу кои Србија, Турција и Грузија, спроведуваат некои од најдрастичните мерки против независните медиуми, пишува Политико.
Тој додава дека не е чудно што овие земји сметаат дека таквите мерки нема да го загрозат нивниот пат кон членство во ЕУ, бидејќи тоа го прават и некои членки на Унијата.
Илустрација генерирана со помош на вештачка интелигенција
Долги години провокатори на ЕУ
На пример, Унгарија минатата година ја тужеше ЕУ пред Европскиот суд на правдата поради донесувањето на Законот за слобода на медиумите (EMFA) – првиот обид на ЕУ да ги усогласи законите за медиумски плурализам и независност.
Унгарија во својата тужба тврди дека законот ги надминува овластувањата на ЕУ и го нарушува суверенитетот на земјите-членки.
Во меѓувреме, премиерот Роберт Фицо во Словачка го распушти јавниот сервис РТВС и формираше нова телевизиска станица СТВР, што овозможи промена на раководството и поголема контрола врз уредувачката политика.
Но, не се само Орбан и Фицо, кои Политико ги нарекува „долгогодишни провокатори на ЕУ“, кои даваат лош пример.
„И некои од највлијателните членки на блокот одат во погрешна насока“, односно уназадуваат кога станува збор за слободата на медиумите, пишува порталот, повикувајќи се на извештајот од март на Унијата за граѓански слободи за Европа.
Извештајот конкретно ја издвојува Италија за „невидено политичко мешање“ во работата на јавниот сервис и ја означува владата на премиерот Џорџија Мелони како една од петте најлоши во ЕУ во однос на слободата на медиумите.Дали Шпанија копира од игротеката на Вучиќ?
Во Шпанија последните потези на премиерот Педр Санчез се чини дека се пресликани од игротеката на Вучиќ, пишува Politico.
Во јули 2024 година, Санчез најави реформа на законот за медиуми со цел да се потиснат „псевдомедиумите“, но во пракса тој ја искористи ЕМФА за да го ограничи списокот на организации кои можат да добиваат јавни средства.
Шпанската влада минатата година купи 10 отсто од акциите во шпанскиот телекомуникациски гигант Телефоника и постави директор лојален на владата. Медиумските извештаи сугерираат дека владата сега ја користи оваа позиција за да влијае на гласовите на акционерите во Promontora de Informaciones SA (PRISA), сопственик на најголемиот шпански весник, El Pais, за да го замени раководството и да отвори провладина телевизиска станица.
Земјите-членки на ЕУ кои се обидуваат да ги контролираат медиумите и да го насочуваат политичкиот наратив внимателно следат како Унијата реагира на селективната примена на ЕМФА во проблематичните држави како Унгарија и Словачка, според Политико.
Тој додава дека се очекува ЕУ да покрене постапка за прекршување на правилата, можеби користејќи ги Орбан и Фико како примери за да ги одврати другите лидери како Мелони и Санчез да манипулираат со законот во нивна корист.
„И ако ЕУ сака да влијае на Вучиќ и на другите идни автократи во земјите кандидати, клучните членови мора да бидат првите што ќе дадат добар пример. Граѓаните на Србија кои протестираат ја гледаат ЕУ како светилник на надеж за демократија. Блокот не смее да ги изневери“, заклучува бриселскиот портал.