More

    Политиката за намалување на расходите за плати за 10 отсто кои ги претстави Владата како дел од антикризните мерки предизвика бура од реакции на синдикатите и работниците во јавниот сектор

    spot_img

    Политиката за намалување на расходите за плати за 10 отсто кои ги претстави Владата како дел од антикризните мерки предизвика бура од реакции на синдикатите и работниците во јавниот сектор. Реакциите дополнително се разгореа и со изјавата на премиерот Димитар Ковачевски два дена по објавата на мерките во која рече дека во јавниот сектор има плати кои се далеку повисоки од просекот и тие треба да се намалат (алудирајќи на платите на менаџерските тимови), како еден од начините за намалување на буџетските трошоци. Каде го впери прстот премиерот, може да се претпоставува, ако се знае дека само дел од јавниот сектор може да се пофали со натпросечни примања, а за менаџерските тимови може само да се претпостави бидејќи во земјава не можат да се најдат податоци за нивните плати.

    Владата, сепак, се обиде да ја расчисти дилемата која ја наметнаа синдикатите дека во услови на криза се намалуваат платите во јавниот сектор кои и така се мали, и кажа дека не станува збор за кратење на платите, туку за реализација на Планот за фискална одржливост кој содржи низа мерки во насока на консолидација на трошоците и подобрување на наплатата на приходите. Овој план, и покрај тврдењето на владата, сепак, содржи, дел кој предвидува намалување на платите за 10 отсто.

    Премиерот во својата изјава покрај намалување на „платите далеку над просекот“ на менаџерите на државните институции, јавните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост ги спомена загубарите чии менаџери ќе треба да ги подобрат приходите за да нема дополнителни трошоци од буџетот за нивно помагање. Премиерот рече и дека до крајот на месецот ќе изготват список на секторите во кои ќе се намалуваат платите. Овие пари, според премиерот, ќе бидат ставени во новиот пакет помош за сиромашните категории и пензионерите.

    – Од друга страна, постојат претпријатија и институции во коишто се креираат загуби, а треба да се покријат од Буџетот и затоа сметаме дека менаџмент тимовите на тие претпријатија треба да бидат на високо одговорно ниво и да ги намалат расходите и да ги зголемат приходите. Еден од начините за намалување на трошоците, таму каде што има плати што се далеку над просекот, сметам дека во услови на ваква криза треба да се намалат, а додека таму каде што приходите не соодветствуваат на она што би требало да биде, исто така да направат напори да ги зголемат приходите – изјави Ковачевски.

    Преку кратење на буџетот за плати во јавниот сектор владата планира да заштеди 3 милијарди денари (близу 50 милиони евра).

    Ако му се верува на премиерот, тогаш најголемо учество во тие заштеди ќе дадат најплатените менаџери  поставени од владата во  9 регулаторните тела и 32 агенции. Во дел од нив платите на менаџерите ги надминуваат и платите на првите луѓе на највисоките функции во земјава. За какви плати станува збор, не може да се каже бидејќи не е достапна ваква информација за јавноста. Единствени плати кои јавно се објавуваат се платите на членовите на Регулаторната комисија за енергетика каде што просекот зависно од годината се движи и над 1.800 евра за членовите на комисијата, а за вработените над 1500 евра.

    Владата очекува од оваа мерка да заштети и пари од претпријатијата загубари каде што исто така менаџерските тимови земаат високи плати. И за овие менаџери нема податок колкави плати земаат, но затоа пак има информации дека во дел од нив работниците не зеле плата и по неколку месеци.

    Според податоците на Министерството за финансии, во вториот квартал од годинава меѓу јавните претпријатија кои работеле со загуба, а кои користат пари од државниот буџет се: ЈП за државни патишта, „Национални шуми“, ЈП за железничка инфраструктура „Железници на Република Северна Македонија“, ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, потоа ЈРП „Национална Радио-телевизија“ ЈП за водостопанство „Лисиче“ – Велес и ЈП за стопанисување со пасишта.

    Но загуби во вториот квартал од годинава покажаа и акционерските друштва во државна сопственост на кои државата зависно од состојбата редовно им помага. Меѓу друштвата кои оствариле загуба во вториот квартал се: ЕСМ „Национални енергетски ресурси“, АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост, „Водостопанство“, АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор од значење за Републиката, „Пошта“, потоа „Медиумска информативна агенција“, како и друштвата со ограничена одговорност „Борис Трајковски“ и „Нафтовод“.

    Овие јавни претпријатија и друштва работеле со загуби и во првиот квартал, но и години наназад. Колку плата земаат нивните менаџерски тимови исто така не се знае. На дел од нив владата неодамна им исплати одделни суми како помош за излез од кризата.

    Според податоците за платите во јавниот сектор, државните секретари (секретар од прво ниво) имаат највисоки месечни нето-примања (без вклучен додаток за стаж) од над 53.000 денари, додека, пак, најниски примања имаат помошно-стручните вработени од четврто ниво, за кои се бара средно образование и кои имаат минимум месечни нето-примања (без вклучен додаток за стаж) од 18.000 денари.

    Први на најавата за намалување на платите во јавниот сектор реагираа синдикатите кои велат нема да дозволат во услови на криза да им се намалуваат платите на работниците ниту во јавен, ниту во приватен сектор. Тие обвинија дека владата користејќи ја кризата се обидува да ги намали правата на работниците и да ги суспендира колективните договори.

    Против намалување на платите се изјасни и опозицијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека на функционерите не треба да им се кратат парите туку тие треба помалку да крадат.

    – Наместо 50 милиони евра да ги крадат преку ископ во Битола, преку наместени тендери за мазут, за јаглен со инстант компании, да престанат да крадат, тие пари ќе завршт во стопанството и ќе спасиме многу работни места. Тоа е предлогот на ВМРО ДПМНЕ, бидејќи вчера го слушам премиерот Ковачевски како прави весела математика ако на 100 локални функционери им скрателе по 1000 евра ќе заштедат 100.000 евра. Јас да му дадам еден мудар совет: само треба да се заврти кон себе и кон функционерите на власта. Тоа е отприлика пола дневница која ја крадат функционерите на власта – рече Мицкоски.

    Владата, пак, во одбрана вели дека не станува збор за кратење на платите, туку за План за фискална одржливост кој содржи низа мерки во насока на консолидација на трошоците и подобрување на наплатата на приходите.

    – Планот за фискална одржливост е документ кој содржи мерки и препораки за рационализирање на расходите и подобрување на приходите, во прилог на одржување на макроекономската стабилност и како дел од борбата на Владата против ефектите од енергетската и ценовната криза. Сепак, би посочиле во насока на точно информирање, во планот нема насока за кратење за 10% на платите на општините – велат од владата.

    Планот за фискална одржливост, појаснува владата се состои од три дела:

    Прво: Консолидација на расходите во државните институции, преку консолидација на трошоците за плати преку рационализација и оптимизација на вработените во јавниот сектор врз основа на функционалната анализа, како и реорганизација на начинот на извршување на работните обврски во зависност од нивната природа и воспоставување работа од дома, до 30% од вработените, со нивно ротирање, без да се наруши редовното функционирање на институцијата. Исто така, предвидено е намалување на трошоците за прекувремена работа за најмалку 20%, преку поголема контрола при одобрување на прекувремената работа за вработените, и надоместување преку слободни денови.

    Понатаму, предвидена е консолидација на расходите за стоки и услуги, преку штедење на режиски и патни трошоци и канцелариски материјали. Исто така се предвидуваат и нови механизми за реализација на капиталните расходи.

    Второ: Подобрување на наплатата на давачките преку понатамошно унапредување на даночната регулатива во насока на оптимизација на даночниот систем, како и зајакнување на капацитетите за прибирање на јавните приходи и за забрзана наплата на приходите од даночните и царинските должници. Ќе се работи на унапредување на ефикасноста и ефективноста на системот за наплата на акцизните приходи, преку развој на политики, системи, постапки и инструменти за ефикасна контрола и наплата на приходите, понатамошно унапредување на бесхартиениот систем за управување со акцизните документи и зголемување на ефикасноста на акцизните контроли преку воведување на таргетирани контроли на високоризични акцизни добра, како и преку интензивирање на соработката со релевантните агенции во земјите на ЕУ и меѓународните институции.

    Трето: Мерки и препораки за јавни претпријатија и трговски друштва во јавна сопственост, како изработка на петгодишни финансиски и бизнис планови за нивно рентабилно работење и истите да ги доставуваат до Владата и Министерството за финансии; реорганизација на работното време со скратено работно време или работа од дома до 30% од вработените, без да се наруши редовното функционирање, додека висината на платата да биде утврдена согласно законските прописи и ангажманот на вработените. Притоа, да се изготват интерни акти за надзор и контрола на работењето од дома, со цел негова верификација; јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост што работат со загуба да ги намалат вкупните трошоци за најмалку 20%; намалување на расходите за договорни услуги преку рационализација на бројот на ангажирани лица, периодот на ангажирање и утврдување на висината на надоместокот согласно обемот и спецификата на работните задачи, при што најголем дел од правните услуги во претпријатијата и трговските друштва да се извршуваат од самите вработени кои поседуваат соодветни квалификации; преземање на мерки и активности за зголемена наплата на побарувањата со цел навремено финансирање на обврските и реализација на инвестициските активности; рационализација и намалување на расходите за репрезентации, спонзорства, реклами, службени патувања, набавка на мебел, опрема и возила, канцелариски материјал, закупнини и изнајмување на простор и опрема.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img