Договорот на мегапопуларната американска пејачка Тејлор Свифт со организаторите на нејзините концерти во Сингапур, каде што ќе одржи дури 6 концерти во рамки на нејзината светска турнеја, прерасна во политичко прашање во Југоисточна Азија.
Имено, Сингапур е единствената станица во тој дел од светот каде што ќе настапува Свифт, а соседните земји тоа го прогласија за „непријателски чин“ на тој град-држава.
Владата на Сингапур претходно објави дека и дала дозвола за настап на Свифт, но не ги откри условите. Кога стана јасно дека условот е Сингапур да биде единственото место во регионот каде што ќе настапува Свифт, реагираа лидерите на соседните земји, а особено незадоволни беа во Тајланд и Филипини кои изјавија дека „ова не е добрососедско однесување. “.
Сингапурскиот премиер Ли Хсиен Лунг исто така мораше да се брани од напади поради договорот со Свифт за време на прес-конференцијата на регионалниот самит во Мелбурн, Австралија.
– Нашите агенции преговараа за аранжман кој и овозможи на Тејлор Свифт да дојде во Сингапур и според кој Сингапур е нејзината единствена станица во Југоисточна Азија. Се покажа дека е многу профитабилен аранжман во кој не гледам ништо непријателско – изјави Ли.
Свифт ги изведе првите три од нејзините шест распродадени концерти во Сингапур од 2 до 4 март, а ќе одржи уште три концерти од 7 до 9 март. Нејзината следна станица на турнејата ќе биде Лисабон, каде што ќе настапи на 24 и 25 мај.