More

    Покровск оставен без вода, Киев нападнат од дронови

    spot_img

    Додека секретарите за надворешни работи на САД и Велика Британија во посета на Киев неофицијално се согласиле за целосно подигање на забраната Украина да користи ракети „Сторм шадоу“ со долг дострел внатре во Русија, ситуацијата на фронтот се разгорува.

    Русите започнаа голема контраофанзива во Курск, заземајќи неколку села, додека градот Покровск во Источна Украина остана без вода и струја во исчекување на руска опсада. Исто така, во текот на ноќта, Киев беше нападнат од руски дронови.

    Ситуацијата во Курск, според генерал-мајор Апти Алаудинов, лидер на чеченските специјални сили кои се борат во тој регион, во последните денови е во полза на Русите. Тој вели дека се ослободени 10 населби.

    – Ситуацијата е добра за нас – изјави тој, пренесува руската државна новинска агенција Тасс.

    И украински извори потврдиле дека има руски напредок, пишува Дејли Телеграф. Украинците се надеваа дека со рушење на трите мостови на реката Сејм ќе ги пресечат главните рути, но Русите изградија привремени понтонски мостови преку кои префрлаат тенкови.

    Каналот Меш, про-Кремљ профил на апликацијата за пораки Телеграм, објави дека силите на Москва напредувале до 150 квадратни километри во истакнатиот под контрола на Украина во „локална контраофанзива во регионот“.

    Во извештајот на американскиот Институт за проучување на војната од 11 септември се вели дека ситуацијата во Курск ќе се менува нагло во наредните денови и со жолто на мапата е означен пробивот на Русите.

    Други истакнати руски воени блогери рекоа дека трупите на нивната земја ја презеле контролата врз Снагост, село јужно од Коренево на украинското лево крило. Тие објавуваат снимки од бојното поле. Се вели дека се работи за тенкови управувани од 51-виот гардиски воздушнодесантен полк на Русија.

    – Се чини дека Русија можеше да ја префрли оклопната сила преку реката Сејм, и покрај украинските удари на мостовите – рече Роб Ли, висок соработник во Институтот за надворешна политика за истражување, американски тинк-тенк.

    На фронтот во Украина, пак, се чини дека се затвора обрачот околу клучниот град Покровск. Руските напади го прекинаа снабдувањето со гас и вода во градот, во Доњецката област, изјави денеска украинскиот гувернер Вадим Филашкин, пренесе Киев Индипендент.

    Источниот фронт кај Покровск во последните месеци беше место на жестоки борби и центар на руската офанзива во регионот на Доњецк, бидејќи градот е важен логистички центар за украинските сили.

    Властите на Покровск на 15 август ги повикаа жителите да се евакуираат, откако руските сили пристигнаа на 10 километри од периферијата на градот. Модуларната пречистителна станица која го снабдуваше Покровск со вода престана да работи поради актуелните борби во областа.

    Исто така, во текот на ноќта руските сили го нападнаа Киев со беспилотни летала од различни правци, а противвоздушната одбрана го одби нападот, кој помина без жртви, изјави денеска шефот на градската воена управа Сергеј Попко.

    „Седми воздушен напад на руските окупатори на Киев во септември. Непријателот повторно употреби нападни беспилотни летала, првично од типот ‘Шахед’… Тревогата за воздушен напад на главниот град беше објавена три пати во Киев и траеше вкупно околу два часа“, напиша Попко на Телеграм.

    Исто така, од беспилотни летала „Шахед“ 14 лица се повредени во масовниот напад на руската армија врз градот Конотоп во областа Суми во Украина, соопшти денеска регионалната воена управа.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img