На покривот на гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес се инсталирани фотоволтаици и на северната страна, иако е познато дека на тој начин се добива минимален ефект од нивното поставување, односно многу малку произведена електрична енергија – коментираат граѓани на Фејсбук, каде беа објавени фотографии од покривот на гимназијата.
Гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес, како и многу други јавни установи, инсталираше фотоволтаични панели со цел од сопствено производство да ги задоволува своите потреби или да ја намали сметката за електрична енергија, откако училиштата излегоа од регулираниот пазар. Но, поради грешка во проектот или на изведувачот, производството ќе биде само делумно.
Пратеникот на СДСМ од Велес и поранешен кандидат за градоначалник, д-р Ненад Коциќ на својот Фејсбук профил објави фотографија од панелите и праша „кој е паметниот кој половина од панелите ги постави на погрешната северна страна“.
„Фотоволтаициве насочени кон север? Со средства од Владата и МОН општините местат фотонапонски панели за сопствено производство на струја во училиштата. Кој паметен постави скоро половина од панелите насочени кон север? Дали основниот проект е згрешен или изведувачот толку си ја знае работата“ – напиша Коциќ.
Подоцна во коментар објасни дека, според неговите информации, основниот проект бил изработен од консултант на училиштето и проектот воопшто не бил таков.
„Изгледа некој не знае што е север, што е југ“ – пишува Коциќ.