Поградец Марина, луксузниот проект кој од корен ќе ја замени досегашната туристичка понуда на овој град. Вака медиумите во Албанија го најавуваат најновиот проект за развој на овој езерски град во кој во следниот период ќе се инвестираат милиони евра во градба на овој мега проект.
Комплекс од згради и луксузни хотели со 5 ѕвезди, шеталишта кои всушност се мостови во езерото, простор за забава и сѐ што треба за луксузна туристичка понуда ќе се гради во Поградец.
„Пред неколку дена сопственикот на една од најголемите градежни компании во Албанија ‘Арлис Констракшн’ на социјалните мрежи го сподели инвестицискиот проект што ќе се реализира кај Поградското Езеро“, се вели во официјалното соопштение на компанијата инвеститор.
Проектот има неколку згради и пристаниште за закотвување чамци и јахти, а ќе го носи името „Поградец Марина“.
– Среќен сум што можам да го споделам со вас луксузниот проект во центарот на Поградец, проект кој ќе донесе нов ветер во градот – изјавил Арманд Лило.
Пред една година овој приватен простор на Поградец беше продаден од сопствениците за да се отвори пат за оваа инвестиција, првично беше уште еден проект кој беше како реализација во најава, но со интервенција на премиерот Еди Рама направени се потребните процедури и добиени се сите дозволи за реализирање на инвестицијата.
Оваа инвестиција во оваа област, која опфаќа блок хотели и апартмани, ќе биде уште една форма на туризам што наскоро ќе ја има Поградец, со услуга со 5 ѕвезди. Се дознава дека проектот е одобрен и се очекува само издавање на градежната дозвола за почеток.