Сите основи и средни училишта треба да одржат состаноци со сите родители или старатели на тема „Подобрување на процесите, безбедност на организација и состојбите на училишните објекти и околината“.
Училиштата треба да го известат Министерството за образование и наука за присутноста од страна на родителите на овие состаноци, а секој поединец треба да се запознае со денеска усвоените 10 препораки на Владата.
На крајот на состаноците потребно е да се отворат дискусии дали се потребни училишни униформи како кодекс на облекување на учениците, родителите да се запознаат со етичкиот кодекс на наставниците и да се размисли за надополнување на постоечкиот кодекс со правила за облекување на наставниот кадар и стручните служби.
На овие состаноци родителите треба да се потсетат на законските обврски кои произлегуваат од Законот за семејство и Кривичниот закон во делот на одговорноста при извршување на родителското право.
Усвоените препораки на денешната седница на Владата ги соопшти министерот за образование и наука Јетон Шаќири, на прес-конференција во Владата.
– Секое училиште треба да направи и протокол за начинот на користење на мобилните телефони на учениците и na наставниците за време на часовите во просториите на училиштата. Укинување на потреба на мобилните за време на часовите ќе поттикне повеќе дискусија, размена на идеи и слично – појасни Шаќири.
МОН и Бирото за развој на образование ќе подготват листа на ресурси за кои ќе се дискутира во одделенскиот класен час меѓу наставниците и учениците, а ќе служат за унапредување на добра состојба на учениците како на пример прирачници за животни вештини, програма за психосоцијална помош и поддршка на унапредување на добра состојба и ментално здравје на децата.
Министерот додаде дека им се укажува и се препорачува на општините и на Град Скопје во новата годишна програма за работа на училиштата да се развијат и дополнително зајакнат превентивни програми за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, злоупотреба, спречување дискриминација, соработка со родителите/старателите.
-Им се укажува и препорачува на директорите на училиштата да обезбедат континуирано непречени услови за стручните служби да функцонираат во училишната клима. Се укажува на секое училиште да обезбеди просторни услови за соработници со цел да бидат отворени за учениците и доколку имаат потреба да закажат тет-а-тет средба со својот училишен психолог. МОН заедно со стручните соработници ќе формираат работна група која ќе треба да креира протоколи за соодветна работа при обезбедување на психосоцијална поддршка и ментална здравје на учениците – рече Шаќири.
Препораките почнуваат да важат веднаш, а министерот ќе ги достави до училиштата и општините и ќе бидат објавени јавно. Шаќири апелира на целосно почитување на препораките.