Вишото јавно обвинителство во Белград поднесе обвинителен акт против таткото на малолетното момче Коста К.(14) кое на 3 мај изврши масовно убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград. Тој е во притвор од мај, а притворот му беше продолжен неколку пати.
– Денеска имаме обвинение кое е напишано на 267 страници. Овој случај сам по себе е многу специфичен, не знам ни кој збор да го употребам за овој настан кој го зафати целото општество и секој од нас – рече обвинителот.
Обвинение е поднесено и против мајката на момчето за неовластено поседување муниција, а нејзината ДНК била пронајдена на една чаура најдена во кабинетот.
„Спроведовме истрага што ја водеа двајца јавни обвинители и припадници на МУП. Денеска Вишото јавно обвинителство поднесе обвинителен акт против таткото на момчето. Тој е обвинет за тешко кривично дело против општата безбедност. Постои основано сомнение дека го тренирал својот син во период од една година да ракува со оружје и муниција и да пука со силуети луѓе како цели, како да стои и како да дише при употреба на оружје. Истрагата утврдила дека тој чувал оружје во пластични кутии за транспорт, наместо во сеф“ – стои во образложението.
Куферите во кои било складирано оружјето биле во црн ранец, од кои едниот куфер бил со катанец со шифра, а другиот без катанец. Во истрагата било утврдено дека пријавениот чувал необезбедено оружје во куфери, наместо во сефот кој бил закачен на ѕидот во плакарот во ходникот. Пријавениот на тој начин успеал да му обезбеди на детето два пиштола, а претходно го обучувал да пука во стрелачки клуб.
Како што изјави понатаму обвинителот, момчето посегнало по оружјето на 1 мај 2023 година.
„Постои сомнение дека синот на пријавениот поседувал несоодветно обезбедено оружје на 01.05.2023 година, кога наполнил 6 рамки од пиштоли Чешка Збројевка и Ругер со 92 куршуми и ги ставил со себе, а на 3 мај ги префрлил во ранецот и го однел со себе во училиштето „Владислав Рибникар““ – се наведува во обвинението.
По масакрот во училиштето „Владислав Робникар“ во кое беа убиени девет деца и чуварот на училиштето, таткото на момчето убиец (47) бил сослушан во Вишото јавно обвинителство во Белград поради сомнение дека сторил тешки кривични дела против општата безбедност.
Исто така, постои сомневање дека таткото постапил спротивно на Законот за оружје и муниција и Правилникот за просторни технички услови за безбедно чување на оружјето и муницијата, бидејќи не обезбедил услови за безбедно складирање и чување на оружје и муниција.