Основното јавно обвинителство до Основниот суд во Тетово поднесе Обвинителен предлог против анестезиологот од тетовската болница кој на социјалната мрежа Тик-ток снимаше и емитуваше пациенти и медицински персонал.
Тој е обвинет за кривични дела – Несовесно работење во службата од член 353-в став 2 во врска со став 1, како и за Неовластено снимање според член 152 став 2 од Кривичниот законик.
„Во спроведената претходна постапка беа прибрани докази кои го поткрепуваат основаното сомнение дека обвинетиот, како службено лице – анестезиолог вработен во ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, на 14 април неовластено направил снимка од пациенти и вработени и ја објавил во живо на социјална мрежа, со што постапил очигледно несовесно во вршењето на своите овластувања и должности и потешко ги повредил нивните права“, соопшти Основното јавно обвинителство Тетово.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Тетово доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице.