На 03.05.2023 Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против С.Т.(58) од Ресен, за сторени кривични дела „употреба на исправа со невистинита содржина“ по чл. 380 с. 1 и „измама“ по чл. 247 с. 1 и с. 4 од Кривичниот законик.
Пријавениот делото го сторил од позиција на адвокат, во периодот од 2020 до 2022, кој со намера за себе да прибави значителна имотна корист, со приложување на полномошно со невистинита содржина спровел оставинска постапка пред надлежен суд и нотар, без знаење и одобрување од страна на оштетената А.Л., како наследник на имот кој бил предмет на оставина. Исто така, С.Т., со прикажување на лажни факти, ги довел и ги одржувал во заблуда оштетените, правен субјект од Скопје и Б.Е.А. од Скопје дека е полномошник на сопственикот на имотот и во два наврата, со двете оштетени страни поединечно, склучил преддоговори за купопродажба на еден ист недвижниот имот. Притоа, во полномошното кое е предмет на кривично дело било наведено средствата од продажбата на имотот да се префрлат на неговата сметка, а не на сметка на сопственичката.
За изготвување на полномошното кое е предмет на кривично дело и претставува исправа со невистинита содржина, како и за изготвување на двата преддоговори за купопродажба на имотот од страна на пријавениот биле искористени податоци од лична карта на А.Л., исправа која во периодот на склучување на преддоговорите за купопродажба на недвижниот имот била со изминат рок, односно неважечка, со важност до 23.06.2020, поради што не би можела да се користи во правниот сообраќај, но пријавениот ја употребил како да има датум на важност до 21.06.2027.
Со горенаведените дејствија, пријавениот С.Т., постапувајќи спротивно на законот и извршувајќи ги кривичните дела „употреба на исправа со невистинита содржина“ и „измама“ успеал за себе да прибави противправна имотна корист во вкупен износ од 4.750.540 денари (или 77.250 евра) со што правниот субјект го оштетил во вкупен износ од 1.048.840 денари (или 17.250 евра), а Б.Е.А. во вкупен износ од 3.701.700 денари (или 60.000 евра), додека на А.Л. ѝ била нанесена штета во вкупна вредност на имотот кој бил предмет на незаконска оставинска постапка и незаконска продажба.