Министерството за животна средина и просторно планирање (МЗСПП) обезбеди пари за детално истражување на локацијата Пеленица – Рупа, населба Драчево, врз основа на прелиминарни информации кои укажуваат на тоа дека компанијата ОХИС на оваа локација во 1976 година депонирала одредена количина на HCH – отпад.
Овој отпад бил спакуван во метални буриња и тие биле депонирани во две јами ископани на локалитетот.
– Јамите биле обложени со бетонски ѕидови и покриени со земја. Деталното истражување ќе опфати ископување и дупчење за земање примероци од отпад/почва, инсталирање бунари за мониторинг на подземни води и земање примероци од подземните води – информираат од МЖСПП.
Анализата на примероците, како што велат од Министерството, ќе се врши во Eурофинс, реномирана лабораторија во Холандија. Врз основа на добиените резултати ќе се направи проценка на обемот и степенот на контаминација, ќе се предложат опции за ремедијација на локацијата и ќе се проценат трошоците за предложените опции за ремедијација.
Се очекува теренските работи да се завршат до 11 ноември, а завршниот извештај со целокупната документација и проценките да биде доставен до крајот на годината.