Кина денеска го одбележува првиот ден на Чун Јун, 40-дневниот период на патување за време на Лунарната Нова година познат пред пандемијата како најголема годишна човечка миграција во светот.
Лунарните новогодишни празници, кои официјално почнуваат на 21 јануари, ќе бидат први од 2020 година без ограничувања за патување во земјата.
Кина минатиот месец драстично ја промени својата политика на „нулта толеранција на ковид” по протестите поради масовното затворање на луѓе и ограничувањата, што сериозно и наштетија на втората светска економија. Инвеститорите се надеваат дека отворањето на земјата ќе ја оживее економијата.
Но, ненадејните промени би можеле да изложат голем дел од кинеското население на новиот коронавирус и да предизвикаат нов бран инфекции, што веќе ги полни болниците и ги празни аптеките.
Според предвидувањето на кинеското Министерство за транспорт во следните 40 дена се очекува да патуваат над две милијарди луѓе, што е зголемување за 99,5 отсто во однос на претходната година и за 70,3 проценти повеќе од бројот на патници во 2019 година.
Реакциите на веста се различни, додека едни и ја поздравуваат одлуката за слободно патување и прославата на Лунарната Нова година со своите семејства по долго време, други го откажаа патувањето поради стравот од ширење на инфекцијата и грижата за старите лица.
Во Кина 2023 година е година на зајакот.