More

    Почна потрагата по сезонски работници во земјава

    spot_img

    Почна потрагата по сезонци од земјава. Огласи од Хрватска, од Грција, Црна Гора, Словенија па и од Словачка и други земји за вработување келнери, готвачи, помошници во кујна, собари, шанкери, рецепционери, но и возачи и трговски работници се само дел од понудата која може да се најде на страниците на агенциите за вработување или на Фејсбук-групите кои се отворени за огласи за вработување во овие земји. И годинава се нуди работа на бродови како едно од најдоходовните вработувања за нашите граѓани во изминатиот период.

    Се нудат плати повисоки од овдешните, и тие изнесуваат од 1.100 евра, па нагоре за ангажмани од 6 месеци во кои понудите за сезонците се со дозвола за работа, сместување, со или без платени оброци, и со или без платени прекувремени часови, празници и недела или слободни денови во неделата и месецот.

    Од агенциите кои легално вработуваат сезонски работници во странство велат дека главно треба да се внимава дали работодавачот има корпоративен менаџмент или е мал сопственик на фирма, ресторан или хотел, но оние кои сакаат да заработат во лето, а да одмараат во зима, велат дека не е важно дали ќе работат прекувремени неплатени часови или без одмор, туку главно им е колку ќе заработат.

    – Ме интересира Хрватска, и тоа приморјето. Таму даваат и највисоки плати. Ако си во мало ресторанче работиш 14 часа дневно и добиваш висока плата, но ако работиш во познатите хотели тогаш треба да имаш соодветна квалификација за местото што се бара и познавање на англиски јазик. Таму потешко се вработува и се даваат пониски плати, но се плаќаат прекувремените часови, а има и одмор – вели Александра К. од Скопје, која лани работела 6 месеци во ресторан во Задар, Хрватска.

    Друг заинтересиран за сезонска работа во Хрватска, кој лани имал лошо искуство, вели дека е подобро да се оди во Хрватска преку лиценцирани агенции, а не да се бара работа сам или преку луѓе кои организираат вработување.

    – Лани работев во еден ресторан во Риека, кај некој познат на мој роднина. Ми се нудеше плата од 1.400 евра за работа 14 часа дневно како келнер. Но, што се случи? Тие 14 часа станаа 16 часа, со 2 часа пауза дневно и без слободен ден во неделата. Оваа плата од сегашна перспектива сметам дека е мала – вели тој.

    Милан Џинлев од агенцијата „Приорити солушнс“ која обезбедува сезонска работа во Хрватска и во други земји, вели дека секој кој сака да работи како сезонски работник во странство, а не сака да биде експлоатиран, треба да се вработи преку лиценцирана агенција, која соработува со компании со корпоративен менаџмент.

    – Така сезонскиот работник е безбеден дека тоа што ќе му се понуди ќе го добие. Навистина, платите се пониски и во просек се нешто повисоки од 1.100 евра, зависно од работодавачот, но за возврат работникот добива неделни слободни денови, месечен одмор, платени прекувремени часови и празнични денови и недели. Се работи дневно по 8 часови. Во Хрватска за празник се плаќа 100% дневница, а работа во недела 50%. Прекувремените часови се плаќаат зависно од работодавачот од 15% до 30% за секој час. Дел од работодавците дури им исплаќаат и „божиќнина“– појаснува тој.

    Но, додава тој, секој кој сака да работи преку лиценцирана агенција ќе мора да ги исполни и условите кои ги бараат работодавачите.

    – На прво место е стручната подготовка и искуството, како и познавањето на англиски јазик, бидејќи во хотелите на Јадранот во Хрватска англискиот е задолжителен за сите вработени. Затоа секој апликант прво го проверуваме ние како агенција, па потоа со него прави анкета работодавецот и ако е избран, започнува постапката за негово вработување. Во Хрватска се бара кандидатот да нема криминално досие. По завршување на постапката работникот добива картичка за престој која му е земна за личната карта. На ваков начин се одбегнува и манипулацијата со работниците кои во Хрватска доаѓаат од странство – вели Џинлев.

    Тој очекува оваа сезона во Хрватска да испрати од 100 до 150 сезонски работници од земјава.

    – Има интерес од хрватските хотелиери кои редовно работат со нас, но дел од работодавачите од Хрватска и самите се претставуваат во земјава, а такви презентации прави и Стопанската комора на Хрватска. Тие не вработуваат, но повикуваат работници да одат во Хрватска, што во основа е проблематично бидејќи на заинтересираните не им се дава некоја сигурност, туку им се кажува кои професии се барани во сезоната. Така голем број граѓани се обидуваат сами да најдат работа без да се консултираат со агенциите кои се лиценцирани за тоа и потоа имаат проблеми – вели тој.

    Како сезонско вработување кое трае најмалку 3 месеци и годинава го има работењето на бродови и јахти. Овие вработувања главно одат преку лиценцирани агенции, но и на црно. Според понудата, најниска плата на работните позиции на бродовите, зависно од компанијата, е 2.700 евра. Но, оние кои работеле на брод, велат дека зависи од позицијата, но сепак почетната плата е околу 1.200 евра, а за да се стигне до плата повисока од 2.000 евра, потребна е минимум една година.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img