На 94-годишна возраст почина Бистрица Миркуловска, поетеса, раскажувачка, писателка за деца и преведувачка, најстар член на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), објави Друштвото на својот профил на Фејсбук.
Миркуловска е родена во Скопје. Завршила Филозофски факултет на Скопскиот универзитет и постдипломски студии од областа на македонистиката. Работела како професор на Филолошкиот факултет во Скопје. Била лекторка по Македонски јазик и книжевност на Масариковиот универзитет во Брно, Чешка. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1971 година. Писателка е на книгите: „Цвеќенца“ (поезија за деца, 1960), „Градинче“ (раскази за деца, 1962), „Првачиња“ (поезија за деца, 1972), „Празнични виделини“ (поезија за деца, 1979), „Виножито“ (раскази, 1979), „Сите деца мили“ (поезија, за деца, 1982), „Ѕвездена“ (бајки, 1986), „Виделина“ (бајка, 1989), „Клучарчиња“ (роман за деца и млади, 1992), „Прекршен лет“ (поезија, 1996), „Kdyz kvetly kastany“ (Кога цутеа костени, поезија, Брно, 1997). Добитник е на „Потокарова повелба“ на поранешниот Сојуз на книжевните преведувачи на Југославија за преводи од словенечки на македонски јазик.
„Се простивме од Бистрица Миркуловска, најстариот член на ДПМ, а како да се простивме од сиот оној изминат пат на македонската литературата од времето потем Револуцијата. Зашто Бистрица своите први обиди на македонски јазик, кој не ѝ беше мајчин, ги направи уште во првите македонски списанија за деца, започна да пишува уште во она време кога не беше примерно да се биде поетеса, а таа го издржа тој пат пред сите предизвици на поетското писмо, од пишувањето за деца преку мал заграб во интимната поезија, до најновите чекори да се биде пред сите во освојувањето на формите, на хаикуто и на танка записите, и со смелоста интертекстуално да се излезе од друга поетска реч, во името на јубилејноста, независно дали на прославата или на мементото“, велат од ДПМ.
Зад Бистрица Миркуловска останува богат книжевен опус, грижливо создаван над 6 децении, од времето на нејзините првообјави, меѓу нив книгата раскази „Градинче“ (1962), богатиот корпус литература за деца, што ѝ остана трајна преокупација, преку навлегувањето на сферите на интимата, што отсекогаш ѝ било забранета зона, а во која навлегува стамено со „Прекршен лет“ во 1995 година.
„Активно творејќи во два века, во првите децении на XXI век Миркуловска на секоја размисла што допрела до неа независно преку кој медиум, знаела да ѝ дава современа поетска димензија, да ги открива тајните на микрокосмосот, интертекстуално да навлегува во порите на поезијата од сите светски меридијани и, бездруго, во македонската, во стиховите на Конески, кому со поетска збирка ќе му го одбележи јубилејот – 100 години од раѓањето („Микрокосмос“, 2021), и секогаш во духот на Конески ‘со добра мисла’. Миркуловска секогаш посакуваше уште нешто да рече. Нам ни останува да ѝ се заблагодариме за нејзниот сестран придонес во македонската литература зашто таа беше еден од најактивните членови на Друштвото на писателите на Македонија, секогаш присутна на сите настани. За една од последните нејзини стихозбирки ‘Фатаморгана’, ДПМ во 2017-та ѝ ја додели наградата „Даница Ручигај“, велат од ДПМ.