Дејвид Мекалум, кој стана една од најголемите телевизиски ѕвезди во 60-тите глумејќи го рускиот шпион Илја Курјакин во ТВ-серијата „Шифра ‘Вујче’“ (The Man from U.N.C.L.E), а потоа освои нова генерација фанови во популарната серија „Истрага на местото на злосторството“ (NCIS) децении подоцна, почина на 90-годишна возраст.
„Длабоко сме ожалостени поради смртта на Дејвид Мекалум и привилегирани што CBS беше неговиот дом толку многу години. Дејвид беше надарен актер и писател и сакан од многумина ширум светот,“ објави NCIS на социјалните мрежи во понеделникот.
Магазинот „Вараети“ објави дека тој починал од природна смрт.
Роден во Шкотска, син на двајца музичари, тој имаше актерска кариера долга седум децении, која се протегаше од неговите студентски денови во 50-тите, при лондонската Кралска академија за драмска уметност, каде една од неговите колешки беше идната ѕвезда Џоан Колинс.
Кариерата ја започна со споредни улоги во голем број британски филмови, вклучувајќи ја и „Ноќ за паметење“ (1958), каде што го портретира Харолд Брајд, радио-оператор на Титаник.
Мекалум гостуваше и во голем број американски ТВ-серии, а во 1964 година се појави во пилотот на шпионската серија „Шифра Вујче“.
Улогата му донесе две номинации за „Еми“ и статус идол на поп-културата.