Холивудскиот актер Адан Канто, ѕвездата на сериите „Наркос“ и „The Cleaning Lady“, како и на филмот „X-Men: Days of Future Past“, почина во понеделникот по кратка и тешка битка со ракот на слепо црево. Тажната вест ја објави „Вариети“.
Адан Канто имаше само 42 години. Роден во Мексико, тој израснал во Дел Рио, Тексас, а најпрво ја започнал својата кариера во музиката. Тој напиша песни за неколку мексикански ТВ емисии и филмови, а на крајот и самиот застана на сцената во адаптацијата на „Сè за мајка ми“ на Педро Алмодовар. Подоцна имаше улоги во ситкомот „Миксологија“, криминалната драма на Нетфликс „Наркос“ и сериите „Крв и масло“ и „Втора шанса“.
Неговата прва ТВ улога беше во „Estado de Gracia“ во 2009 година. Канто го имаше своето деби во американската крими трилер серија „The Following“, со Кевин Бејкон во главната улога, во 2013 година.
Покрај забележителната улога во „Наркос“, го гледавме и покрај Кифер Сатерленд во политичката серија „Designated Survivor“, како и во крими драмската серија „The Cleaning Lady“. Неговата прва голема филмска улога беше како суперхерој во франшизата на „Фокс“ – „X-Men: Days of Future Past“.
„Срцето ни е скршено од смртта на Адан Канто. Тој беше прекрасен актер и драг пријател и чест ни е што го имаме како дел од семејството на „Ворнер брос“. Ова е незамислива загуба и жалиме заедно со неговата сопруга Стефани, нивните деца и најблиските. Неизмерно ќе ни недостига“, се наведува во заедничката изјава потпишана од „Варнер брос“, „Телевижн“ и „Фокс ентертејмент“.