Метрото во Киев повторно е во функција, а водоснабдувањето е вратено за сите жители на главниот град на Украина, соопшти градоначалникот на градот Виталиј Кличко.
Тој ова рано утрово го објави во „Телеграм” по вчерашниот бран руски воздушни напади врз критичната инфраструктура во Украина.
Русија вчера истрела повеќе од 70 проектили кон Киев – еден од најмасовните напади од почетокот на нејзината инвазија на Украина на 24 февруари. Поради тоа, украинските власти беа принудени да го прекинат снабдувањето со електрична енергија на многу места во земјата.
Градоначалникот на Киев најави и дека снабдувањето со топлинска енергија веќе е вратено на половина од претплатниците и снабдувањето со електрична енергија на две третини од клиентите во главниот град на Украина. Сепак, снабдувањето со електрична енергија на места и понатаму е во прекин, рече и додаде дека недостигот на струја е сериозен.