Најголемата германска автомобилска компанија Фолксваген преговара за продажба на својата фабрика во руска Калуга, беше објавено во средата, една година откако компанијата го запре производството и извозот во Русија поради руската агресија врз Украина.
-„Една од можностите, кога станува збор за иднината на Volkswagen во Русија, е продажба на средствата на Volkswagen Group Rus, а со тоа и фабриката во Калуга, на трета страна“, рече портпаролот на Volkswagen.Тој додаде дека моментално има преговори за продажба, но дека се уште не се финализирани. Пред тоа рускиот медиум РБК објави дека рускиот дилер на автомобили Авилон најавил купување на фабриката на Фолксваген во Калуга. Според истите извори, наскоро треба да се потпишат и купопродажните договори. По почетокот на рускиот напад врз Украина, Фолксваген ги затвори двете свои фабрики во Русија во март 2022 година. Во исто време беше стопиран и извозот на возила во Русија. Во мај, Фолксваген се повлече од фабриката во Нижни Новгород, каде што германската компанија склопуваше возила во соработка со руската компанија ГАЗ, чиј косопственик Олег Дерипаска е на списокот со санкции поради врски со војната. Други германски производители на автомобили, како што се BMW или Mercedes Benz, исто така се повлекоа од рускиот пазар откако Москва започна инвазија на Украина пред една година.