Новиот претседател на Црна Гора Јаков Милатовиќ во своето прво обраќање откако го победи противкандидатот Мило Ѓукановиќ, порача дека со оваа победа се збогувале со последниот диктатор во Европа и вети дека ќе ја внесе Црна Гора во ЕУ за пет години.
Милатовиќ убедливо победи на вчерашните претседателски избори во Црна Гора, освојувајќи околу 60 отсто од гласовите, додека неговиот противкандидат и актуелен претседател Мило Ѓукановиќ освои околу 40 отсто.
Црна Гора ќе биде помирена и европска
– Ова е победа на помирена Црна Гора. Црна Гора одлучи решително да се збогува со овој застарен режим на Ѓукановиќ и кажа „да“ за европска Црна Гора. Вечерва заедно со сите граѓани им кажавме збогум на корупцијата и криминалот. Никогаш повеќе. Рековме добра вечер на побогата, успешна, европска Црна Гора. Срцето ми е полно затоа што добив толкава доверба од граѓаните. Ветувам дека навистина ќе бидам претседател на сите граѓани на Црна Гора. Никогаш повеќе нема да не поделат, осиромашуваат. Црна Гора се движи кон земја на правда, доверба, заедништво, кон европска Црна Гора – рече кандидатот на движењето Европа сега.
Тој вети брз напредок на земјата во евроинтегративните процеси.
– Во следните пет години ќе ја внесеме Црна Гора во Европската Унија. Ветувам, никогаш повеќе да не војуваме од Црна Гора со нашите соседи и земјите од Западен Балкан, сакаме европски Западен Балкан. Се збогувавме со последниот диктатор во Европа. Затоа вечерва ќе им кажам благодарам на сите луѓе кои во изминатите 30 години го носеа факелот на слободата што блесна вечерва – рече Милатовиќ.
Ѓукановиќ му посака успех, Вучиќ веднаш му честита
Досегашниот премиер на Црна Гора Мило Ѓукановиќ му ја честита победата на својот ривал, рече дека го почитува изборот на граѓаните и му посака на Милатовиќ да биде успешен претседател на државата, затоа што „ако тој биде успешен, и Црна Гора ќе биде успешна“.
Меѓу првите што му ја честитаа победата на Милатовиќ беше српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Ви ја честитам победата на претседателските избори, со верба дека ќе покажете цврста волја да обезбедите живот во мир и напредок за граѓаните на Црна Гора. Во Србија секогаш ќе имате доверлив партнер во развојот на политичкиот дијалог и зајакнувањето на економската соработка меѓу двете земји, како и солидна поддршка за мирен и стабилен Балкан“ – се вели во честитката од кабинетотот на Вучиќ.
Аналитичарите се согласуваат дека победата на Јаков Милатовиќ може да му даде крилја на движењето „Европа сега“, чиј заменик-претседател е тој. Понатаму, тие прогнозираат дека таа би можела да стане најсилната политичка партија во Црна Гора, со големи изгледи за формирање влада по парламентарните избори.
Без дамки во биографијата, учен, вреден, посветен
Милатовиќ е третиот претседател на Црна Гора од независноста во 2006 година. Тој има 37 години. Роден е во Подгорица на 7 декември 1986 година. Дипломирал со максимален просек на Економскиот факултет на Универзитетот во Црна Гора, а магистрирал на Оксфорд.
Бил министер за економски развој во првата влада формирана по парламентарните избори одржани во август 2020 година, на кои Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Ѓукановиќ го загуби мнозинството во парламентот за првпат по три децении.
Оженет е и е татко на три деца. Негова најголема поддршка е сопругата Милена, која и при самото гласање привлече големо внимание во јавноста. Уште во првиот круг, при гласањето во Подгорица, Милена ги освои симпатиите и воодушеви со својот изглед во црвен костум и бела кошула. Беспрекорниот стајлинг го закити со искрена насмевка, со што беше неодолива мета за фоторепортерите.
Милатовиќ во медиумите е претставен како човек „без дамка во кариерата и животот“, пристоен и семеен, кој потекнува од семејство кое е познато и угледно, и по мајчина и по таткова страна. Велат дека е вреден и неуморен, посветен татко на ќерките Сара и Ана и синот Давид, како и грижлив сопруг.
Според податоците од имотниот лист од 2021 година, Милатовиќ е сопственик на стан од 46 квадрати што го купил. Заедно со сопругата Милена Милатовиќ е косопственик на стан од 68 метри квадратни. Милатовиќ има 85.000 евра во пензискиот фонд, а 7.000 евра на тековната сметка. Неговата сопругата има нешто повеќе од 3.000 евра на тековната сметка, а во декември заработила 909 евра. Милатовиќ поседува автомобил Рено Меган од 2012 година и има станбен кредит од 70.500 евра, кој го враќа на месечни рати од 452 евра.