„Ние сме во војна и не можеме да направиме отстапки за терористичките групи“, изјави во средата еквадорскиот претседател Даниел Нобоа. Има извештаи за зголемени судири и киднапирања низ целата земја, при што нарко картелите се закануваат со убивање на полицајци и жители. Најмалку десет луѓе загинаа во напади и немири во затворите, а улиците на еквадорските градови се целосно празни, со исклучок на голем број војници и полицајци.
Еквадорскиот претседател Даниел Нобоа изјави во средата дека земјата е во војна со нарко-картелите, кои започнаа бран напади и киднапирања во последните денови, пренесе француската новинска агенција АФП. Неколку стотици војници патролираа по речиси напуштените улици на главниот град на Еквадор, Кито, во средата по нападите од висок профил на гангстерите.
Последната криза избувна кога властите во понеделникот објавија дека еден од најмоќните наркобосови во земјата, Хозе Адолфо Масијас, познат по прекарот Фито, избегал од затвор. Во вторникот, од затвор побегна и водачот на нарко картелот Лос Лобос, Фабрицио Колон Пико, кој беше уапсен минатата недела поради неговата наводна вмешаност во заговор за убиство на еквадорскиот министер за правда.
Нобоа воведе вонредна состојба и полициски час, а бандите одговорија со објавување војна и закани дека ќе ги убијат и полицајците и цивилите. Во затворите избувнаа немири, а вооружените напади однесоа најмалку десет животи.
Во пристанишниот град Гвајакил, вооружени напаѓачи во вторникот упаднаа во седиштето на државната телевизија и извесно време ги тероризираа новинарите и другите вработени за време на пренос во живо. По нападот на телевизијата, Нобоа, кој е на функција помалку од два месеци, издаде наредба за неутрализирање на криминалните банди. „Ние сме во војна и не можеме да направиме отстапки за терористичките групи“, изјави Канела за радио во средата. Тој вети дека безмилосно ќе се справи со повеќе од 20.000 членови на терористички организации.
Кинеската амбасада ги суспендира услугите за јавноста, земјите советуваат да не патуваат.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш е длабоко загрижен поради влошувањето на ситуацијата во земјата, изјави портпаролот во средата. Загриженост изразија и САД. Кинеската амбасада и конзулатите во Еквадор во средата соопштија дека ги прекинуваат услугите за јавноста, додека Франција и Русија ги советуваа своите граѓани да не патуваат во Еквадор.
Перу прогласи вонредна состојба на границата со Еквадор и испрати дополнителни 500 полицајци и војници на границата. Зајакнување на безбедноста на границата меѓу двете земји најави и колумбиската армија.
Еквадор се граничи со два од најголемите светски производители на кокаин, Колумбија и Перу. Бројот на убиства во земјава се зголемил за четири пати од 2018 до 2022 година, а лани биле запленети рекордни 220 тони дрога. Нобоа рече дека цели на 22 криминални групи, од кои најмоќни се Лос Чонерос, Лос Лобос и Тигуеронес.