Ураганот Иан го погоди брегот на Јужна Каролина, еден ден откако предизвика огромна материјална штета на Флорида, предизвикувајќи човечки жртви и заробувајќи многу луѓе во нивните домови.
Иан моментално има јачина на ураган од прва категорија и предизвикува ветрови со брзина од 120 километри на час, според американскиот национален центар за урагани, пренесува Ројтерс.
Покрај Јужна Каролина, се очекува да ги погоди и Северна Каролина и Џорџија и да предизвика поплави опасни по живот, силен ветер и голем бран.
Штетите на Флорида се уште се проценуваат, а не е познат конечниот број на загинати. Ен-Би-Си објави дека загинале 10 лица, а Си-Ен-Ен дека животот го загубиле 17 лица.
Американскиот претседател Џозеф Бајден предупреди дека Иан може да биде еден од најсмртоносните урагани во историјата на Флорида и дека прелиминарните извештаи укажуваат на голем број жртви.
Повеќе од 2,3 милиони домови и деловни објекти останаа без струја по налетот на Иан, потсетува Радио Слободна Европа.