Паралелно со натпреварите на македонските одбојкари во Европската сребрена лига, три женски репрезентации се подготвуваат за следните предизвици во краток временски интервал летово.
Новитет е што за разлика од претходните години на собир е и женскиот сениорски национален тим, кој се враќа на меѓународната сцена по пауза од една деценија.
Вкупно 30 одбојкарки се во Крушево под водство на селекторот Стефан Пауновиќ, кој треба да одреди три состави, па оттука истовремено работи со три возрасни категории. Во тренажен процес се 12 сениорки, исто толку јуниорки (генерација 2004-та и помлади) и шест кадетки (генерација 2006-та и помлади).
Прв настан на кој македонската женска одбојка ќе го тестира потенцијалот се Медитеранските игри во Алжир на крајот на јуни и почетокот на јули. За натпреварите со Грција, со Тунис и со Египет во групата „Б“, Пауновиќ на располагање главно ќе го има сениорскиот кадар, па токму Игрите во алжирскот град Оран се враќање на македонската сениорска женска одбојка на интернационалната сцена.
Потоа, на 17-ти јули јуниорките ќе ги продолжат подготовките за Европското првенство за одбојкарки до 19 години на кое домаќин е Македонија 27 август до 4 септември. Во конкуренција на 12 учеснички, Македонија е во група со Полска, Италија, Словенија, Грција и со најдобриот од квалификациската група „К“ во којашто Црна Гора ќе ги пречека Франција, Финска и Австрија.
Претходно, кадетките ќе настапат на Балканијадата во Врање од 6 до 10 јули во група со Турција и Романија, а шест одбојкарки од таа возраст работат со сениорките и со јуниорките во Крушево.