Професорите на Економскиот факултет во Скопје, Бобек Шуклев и Славе Ристевски добија затворски казни од 4 ипол и 4 години во случајот „Еразмус“.
Професорот Шуклев е осуден на затворска казна од четири ипол години за примање поткуп, а професорот Ристевски за две кривични дела примање поткуп, доби казна затвор од четири години.
На Денковски за три кривични дела давање поткуп, судот му изрече алтернативна мерка условна осуда и му утврди единствена казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако не стори ново кривично дело во наредните пет години.
Судот на Шуклев и Ристевски им изрече забрана за вршење професија од дејност или должност во образовниот процес во траење од 5 години.
Оваа е второ судење за предметот „Еразмус“, затоа што во јуни 2021 година, предметот падна на Апелација, која го врати предметот на повторно судење и не ги потврди затворските казни за професорите од Економскиот факултет кои претходно ги изрече Кривичниот суд.
При изрекување на пресудата, за професорите Шуклев и Јанев, судијата дополнително кажа дека е утврдено оти барале и сексуални услуги од студентки.
Според обвинението, во текот на 2016 година, обвинетот Шуклев побарал 1.000 евра од една студентка за да положи 2 испита, иако студентката на еден испит не покажала знаење, а другиот предмет не го пријавила, ниту го полагала. Побарал од студентка и секс, да дојде во 7 наутро, кога никој немало на факултет, или ѝ предложил на студентката да размисли дали сака во кола или во стан. Ѝ кажал дека вкупно ќе помогне за 6 предмети. Побарал и секс услуга и 700 евра во индексот.
Професорот Ристевски добил од двајца студенти 1000 евра и им напишал оценка 6 иако листовите на испитот ги дале празни. Откако сведокот Дејан Трајковиќ ги зел двата индекса со по 500 евра, побарал и бланко пријави за испит. Во текот на 2015 и 2016, обвинетиот Драган Денковски им помагал на професорите.
Пресудата ја донесе судијката Фанка Јанчулева Михаилоска.